oil-Цената на нафтата падна во средата и се спушти под 44 $, откако преовладува загриженоста поради зголемените залихи на нафта во САД  и очекувањата дека Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК) ќе продолжи со високото ниво на производство.

На лондонскиот пазар цената на нафтата падна за 85 центи во однос на претходното затворање и изнесуваше 43,59 $. На американскиот пазар се тргува за 78 центи пониска цена, од 41,07 $.
 

Во моментов во светот се произведува многу повеќе нафта отколку што е потребно, поради што цените од јуни минатата година се повеќе од преполовени. И покрај тоа се очекува ОПЕК на редовниот состанок  во петок да го задржи производството на високо ниво, со цел да се брани уделот на пазарот од производителите во Русија и Северна Америка. 

Покрај состанокот на ОПЕК, во фокусот на трговците е и високото ниво на производство и растот на залихите во САД. 

Русија, исто така, продолжува да произведува со најснажно темпо по распадот на Советскиот Сојуз. Во ноември произведувале 10.78 милиони барели на ден и покрај ниските цени на нафтата, според податоците министерството за енергетика на Русија. 

Паралелно комерцијалните залихи на сурова нафта во САД минатата недела повторно се зголемија за 1,6 милиони барели, соопшти во вторникот Американскиот институт за нафта (API).

Аналитичарите предупредуваат дека ниските цени на нафтата, во комбинација со високо ниво на долг вршат голем притискок врз добивката на енергетските компании.