Цената на нафтата во петокот падна на светските берзи, откако Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) неочекувано го подигна производствениот плафон и покрај прекумерната понуда.
На лондонскиот пазар цената на нафтата после пладне беше во минус од 47 центи во однос на претходното затворање и изнесуваше 43,37 $. На американскиот пазар се тргуваше за 66 центи пониска цена, од 40,44 $.
И покрај очекувањата дека на состанокот ОПЕК нема да ја промени политиката на производство, ОПЕК неочекувано го зголеми плафонот на производство од 30 на 31,5 милиони барели дневно.
Пред една година, ОПЕК донесе историска одлука за одржување на високото ниво на производство и покрај остриот пад на цените поради зачувување на уделот на пазарот. Со тоа првенствено сакаа на пазарот да ја притиснат американската конкуренцијата која произведува нафта од шкрилци. Оваа технологија носи и поголеми трошоци и не е профитабилна по цени пониски од 60 $ за барел.
Во меѓувреме, американските производители очигледно најдоа решение за овој проблем, бидејќи нивото на производство се стабилизира по неколку месеци на корекција и покрај фактот што цената на нафтата се спушти под 50 $ под притисок пред се големата понуда.
На состанокот посиромашните членки на ОПЕК бараа од побогатите членки предводени од Саудиска Арабија да се договорат за намалување на производството, но Ријад и неговите сојузници повторно покажаа решителност да продолжат со стратегијата за заштита на пазарниот удел. Саудискиот министер за нафта Али ал-Наими пред состанокот изјави дека растечката глобална побарувачка може да биде апсорбирана од очекуваниот скок на иранското производство во текот на следната година.
На страната на побарувачката Кина, најверојатно, ќе го зголеми купувањето на стратешки резерви на сурова нафта наредната година со цел да ги искористи предностите на ниските цени. Се очекува Пекинг следната година ќе ги зголеми резервите за 70 до 90 милиони барели, се наведува во истражувањето на Ројтерс и во податоците на аналитичарите.