На меѓународните валутни пазари девизниот курс на еврото минатата недела во однос на доларот зајакна за речиси 3 проценти, откако Европската централна банка не ја ублажи монетарната политика како што се очекуваше.
Девизниот курс на еврото во однос на американската валута минатата недела зајакна за 2,8 проценти на 1,0885 $, а во еден момент за прв пат по еден месец се искачи над нивото од 1,09 $.
Еврото во однос на јенот се зголеми за 3 проценти на 133,90 ¥. И доларот зајакна во однос на јенот за 0,2 проценти, на 123,10 ¥.
На почетокот на неделата еврото беше под притисок, бидејќи инвеститорите очекуваат агресивно олабавување на монетарната политика на Европската централна банка (ЕЦБ). Поради тоа курсот на еврото во однос на американската валута падна на најниско ниво по повеќе од седум месеци, до 1,0523 $.
Но во четвртокот следеше остар пресврт на пазарот, па цената на еврото се зголеми за повеќе од 3 проценти, што е негов најголем дневен скок по повеќе од шест години.
Шефовите на Европската централна банка, имено, не ја ублажија монетарната политика колку што се очекуваше. Сепак, Европската централна банка ја продолжи програмата за купување на обврзници, позната како квантитативно олеснување на монетарната политика за шест месеци до март 2017 година.
Шефовите на Европската централна банка на состанокот, исто така, ја намалија каматната стапка на депозитите на банките од минус 0,2 на минус 0,3 проценти, но и тоа е поблаг потег од очекуваното.
Затоа, курсот на еврото во четврток нагло се зголеми, достигнувајќи во еден момент 1,0981.
Сепак, во петокот повторно падна под 1,09 $, бидејќи повеќе од јасно е дека американската централна банка во средината на декември ќе ги зголеми клучните каматни стапки, за прв пат од 2006 година.
Во извештајот до Конгресот претседателката на ФЕД Janet Yellen истакна дека централната банка е блиску да ги зголеми каматите за кредитите од рекордно ниското ниво од речиси нула проценти. Истакнувајќи дека американската економија постојано расте и овој тренд се очекува да продолжи.
А добрата форма на најголемата економија во светот ја потврдија новите податоци за вработувањето во САД. Во ноември во САД се отворени 211.000 нови работни места додека стапката на невработеност остана непроменета од 5 проценти, што е најниско ниво во последните осум години.