На меѓународните валутни пазари минатата недела доларот зајакна по зголемувањето на каматните стапки од страна на ФЕД за прв пат по речиси 10 години и поради дополнителното олабавување на монетарната политика во Јапонија.
Девизниот курс на еврото во однос на американската валута минатата недела ослабна за 1,1 проценти, на 1,0865 $. Доларот зајакна во однос на јенот за 0,2 проценти на 121,15 ¥. Еврото во однос јенот ослабна за 1 проценти на 131,65 ¥.
Како што се очекуваше, во средата ФЕД ги зголеми каматните стапки, за прв пат од 2006 година, за 0,25 процентни поени, на 0,25-0,50 проценти.
Од ФЕД истакнаа дека камтните стапки ќе растат и наредната година и проценуваат дека до крајот на 2016 година каматите ќе изнесуваат 1.375 проценти, што значи дека може да бидат зголемени во четири наврати.
Од друга страна, Европската централна банка (ЕЦБ) уште долго време, барем до крајот на следната година, ќе ја задржи лабавата монетарна политика. Затоа, еврото минатата недела, значително ослабна во однос на доларот.
Од друга страна, јенот во однос на доларот ослабна значително помалку, откако Јапонската централна банка неочекувано ја олабави монетарната политика.