На лондонскиот пазар цената на суровата нафта благо порасна поради неочекуван пад на залихите во САД, но се задржа во близина на најниското ниво во последните 11 години, бидејќи понудата е обилна.
Цената на барел нафта на лондонскиот пазар се зголеми за 41 центи, на 36,52 $. Ден предходно таа го достигна најниското ниво од јули 2004 година од 35,98 $. На американскиот пазар се тргуваше за 33 центи повисока цена од 36,47 $.
Организацијата на земји извознички (ОПЕК) во извештајот објавен во средата предвидува дека побарувачката за сурова нафта во 2020 година ќе биде пониска отколку во 2016 година, додека во исто време конкурентите покажуваат поголема отпорност на ниските цени отколку што се очекуваше.
ОПЕК проценува дека побарувачката за нивната сурова нафта во 2020 година ќе изнесува 30.7 милиони барели дневно, во споредба со 30,9 милиони барели дневно во 2016 година и околу 1 милион барели дневно помалку отколку што во моментов произведуваат. Но прогнозата за производство на нафта од нафтени шкрилци во 2020 година е зголемена на 5.19 милиони барели на ден, во споредба со 4,50 милиони барели на ден како што прогнозираа во извештајот од 2014 година.
Залихите на сурова нафта во САД минатата недела паднаа за 3,6 милиони барели, на 486.7 милиони, покажуваат податоците објавени во вторникот од страна на Американскиот институт за нафта. Аналитичарите во анкетата на Ројтерс прогнозираа зголемување од 1,1 милиони барели.