Цените на нафтата се зголемија на меѓународните пазари после повеќедневниот тренд на опаѓање, поддржани од охрабрувачките трговски податоци од Кина и неочекуваниот пад на залихите во САД кои сигнализираат солидно ниво на побарувачка.
На лондонскиот пазар цената на суровата нафта се зголеми за 87 центи во однос на претходното затворање и изнесуваше 31,73 $. За речиси истиот износ цената се зголеми и на американскиот пазар, каде што се тргува за 31,32 $.
Пазарите подршка обезбедија од новите трговски податоци од Кина, кои покажаа раст на извозот во декември од 2,3 проценти на годишно ниво. Аналитичарите очекуваа пад од 4,1 проценти.
Пријатно изненади и неделниот извештај на Американскиот институт за нафта (API) за залихите на сурова нафта минатата недела, кои покажаа пад од 3,9 милиони барели. Се очекуваше пораст од 2,5 милиони барели.
Со тоа вниманието е свртено кон побарувачката, која според новите податоци се уште е солидна и покрај укажувањата на забавување на кинеската економска активност и обилни резерви во САД.