И покрај многубројните протести, средби и договори, тутунарите и натаму се без конечно решение за откуп на тутунот. Оваа откупна сезона тие пак се соочија со проблеми кои би можеле да доведат до сериозни последици за нивната егзистенција.

Тутунарите сметаат дека откупот и начинот на кој тој се спроведува е политизиран и тоа доведува до дополнителен револт и сериозни поделби кои не се во нивна корист. Цената на откупот никогаш не била реална, велат тие, но годинава е најлоша во однос на сите досегашни откупни сезони.

Васко К. Јосифовски вели дека главниот проблем е во лошата динамика на откупот и ниската класна проценка.

„А амбалажите за пакување на тутун се на наш грб. Ние ја купуваме и амбалажата за тутунот, а не сме информирани дали некогаш и ќе биде откупен“, вели Јосифовски и додава дека единственото тутунско здружение кое навистина ги штити нивните интереси е „Тутунска надеж”.

„Вишокот тутун е дел од голготата на тутунарите која ќе трае до почетокот на следната откупна сезона. Сите количини на вишок тутун се пријавени во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство уште пред 15 февруари бидејќи министерот тврдеше дека откупот ќе почне на 15 февруари. Но, иако се донесе измена во Законот за тутун во делот за откуп со датум на важење веднаш, откуп нема. За ситуацијата да биде поинтересна овие денови министерот најави дека ќе подготвува нови списоци на кои ќе се запишат сите оние кои имаат вишок тутун, но тутунарите не се известени за роковите и за начините на кои ќе се спроведуваат тие дополнувања на списоци”, вели Јосифовски и додава дека решението за своите проблеми ќе го бараат до самиот крај за да го решат проблемот со основната егзистенција на многу семејства.