„Другови, до понедељак биќе плате“, воскликна запотениот вицепремиер за економски прашања Битиќи денеска. По бојата на гласот и телешкиот бесперспективен поглед, морам да признам, се почувствував дури носталгично. Ме потсети овој позив на едни дамнешни одвратни и тешки времиња кога транзицискиот хохштаплер-олигарх со ваков поздрав-ветување ги будаљкаше нашите родители, кои со авитамизирани лица, костумчиња и кошули од Отекс, згужвани како бакшиш ја примаа оваа вест со восклик и искра во очите. Па почнуваше „маса да таласа“, па се шепоти наоколу: Шефот рече плата до понеделник! Па на сите ги фаќаше некаква еуфорија од ебената помисла дека конечно – ќе можат да си ги платат сметките… Добро, не сите, но голем дел од нив, но сепак е некаков напредок , нели, од некаде да почнеме… И така, до наредната голгота кога со суви усти и празни глави, се чекаше транзицискиот „воџа“ да најави плата… Ете така отприлика, и после неколку децении, не сме мрднале од овие прогласи… Голем дел од слушателите на овие говнени прогласи или изумреа или се пензионираа, но останавме да ги слушаме ние, децата на транзицијата и деца на овие пролетери. Се смена само хохштаплерот. Сега државата ја зеде палката на транзициски хохштаплер, и преку невидено глуп и непродуктивен начин во недоглед најавува плати за компании кои не можат да ја добијат борбата со пандемијата.

Во една претходна колумна пишував поопширно за оваа владина глупост за бесконечна помош на компаниите од заедничкиот буџет. Реалноста е сурова… Кој не може да опстане, нека пропадне, затоа што со овој тип на помош, на долги стази ќе ги пропадне и државата, и економијата, и општеството.

Моментално економијата се стимулира финансиски со задолжувања во странство. Ова не носи ништо добро, особено имајќи го во вид трошењето. Се троши на плати…. Не на инфраструктура, не на продуктивни проекти, туку на плати… Ова мора да престане. Но, не значи дека ќе престане, бидејќи нашите „воџи“ уринираат директно на сите економски постулати и закони кога е во прашање гола пропаганда и зачувување на газето во топлата фотеља… Не постои цена која нема да се плати за да се зачува тој статус кво.

После прогласов на нашиов Матија Губец, стигнува и „интелектуалнава“ канонада… Излегува тетка со фокси лејди цвикера, струкирано сакофче и руско благородничко презиме и поддржана од уште неколку недоносени господа почнуваат со верглање на добро платената пропаганда на новиот економски окупатор. Ова нивно злосторничко здружение го имаат условено како тинк-тенк… Демек збирштина на луѓе кои мислат… Е, ама овие нашиве не мислат без пари… Единствено мислат кога некој ќе им даде пари, особено од Запад… И мислат како што доаѓаат парите… Мислат како што сакаат парите да мислат… И почнуваат да просеруваат глупости кои народот и власта треба да ги купи како мејнстрим… Пошо тие не можат да мислат без пари, им уфрлаш жетонче и почнуваат да мислат… Како џубокс… И сега да видиме што смислиле за денешново шоу: цитирам:

Странските инвестиции за да бидат мотор на економскиот раст треба да бидат поттикнати од државата. Институтот за економски анализи Фајнанс Тинк во своето девет месечно истражување на оваа тема доаѓа до заклучок дека извозно ориентираните компании имаат потенцијал за инвестиции во тек на пандемијата, а со тоа би им се зголемило производството и конкуренцијата. За извозните компании според експертите исто така е битно да се вложува во човечкиот капитал.

Првава реченица на „труст мозгова“ значи: Странскиот економски окупатор не е задоволен од досегашните сексуално-материјални општења со робовскава каста, една од ретките во Европа. Време е државата да додате финансии или вазелин. Инаку си одиме од тука. Немој никако да помислите да помагате со финансии или вазелин домашни компании, туку само странски. Џубоксот мора така да пее.

Вторава реченица, колку повеќе се чита помалку се разбира. Прво, за каква конкуренција станува збор… Компаниите од ТИРЗ работните логори работат строго на лон систем. Нема борба ни внатре, ни надвор… Па таму се прават производи за познат и разработен пазар. Не се отвараат нови пазари. Не се извезува готов производ кој преку комерцијализација ќе освојува нови пазари. Се е измислено… Наше е само да шиеме, топиме пластика и останати гнасни работи.

Имале потенцијал да инвестираат во пандемијата. Па добро де, нека инвестираат. Кој ги кара? Или за да инвестираат ве уценуваат со некакви директни сексуално-материјални поволности? Што сака да каже „труст мозгова“.

Третата реченица може да ја читаме вака: На странскиот капитал му требаат повеќе робови. Сегашниве робови се глупи реликвии на социјализмот и транзицијата, и не се добро „уклапаат“ во новиве свингерајки. Ни требаат обучени робови, кои со завршување на средно образование ќе се одма спремни да застанат на нашите машини, да дробат за 400 евра и многу да не кажуваат. Тоа е подобен човечки капитал за новиве газди.

Другите глупости кои ги изрецитираа беа толку флоскула, што ме мрзи искрено, и ги читам или толкувам. Бла, бла, бла…

Наместо овие нашиве „мудреци“ и ударници, да седнат, да видат како да не унапредат, како нашите граѓани да градат свои, извозноориентирани бизниси, да грабаат напред, тие нас не пикаат во робскиот калап. Уште повеќе, новите генерации мора да бидат од истиот калап исто така.

За жал, кај овие наши преставници-џубокси гледаме само форма, суштина не… Али шта је то важно другови, у понедељак че плата !

 

Наум Димитровски