Деновиве се поактуелно стана прашањето за вакцинирање против Ковид 19, особено откако започнаа да пристигнуваат првите пратки со вакцини. И додека некои реагираат дека требаше уште порано и дека вакцините доцнат, други пак не сакаат да се вакцинираат.

Во моментот на располагање се вакцините од АстраЗенека пристигнати преку Ковакс системот и Спутник кои што се купени од Русија.

Во земјава веќе се вакцинираа и првите здравствени работници со вакцината донирана од Србија, Фајзер.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека се завршуваат сите административни работи во Агенијата за лекови во однос на дозволата сериите кои стигнаа во нашата земја на вакцините „Астра Зенека“ да бидат пуштени во употреба. Вчера и денеска тие се дистрибуираат до сите градови, а од утре ќе почне процесот на имунизација.

– Вакцинацијата ќе се одвива на постоечките вакцинални пунктови во здравствените установи во градовите низ државата. Вакцинацијата е прецизно организиран процес, испораката на вакцини ќе оди сукцесивно. До крајот на оваа и за следната недела, на територија на цела држава пуштени се 9577 термини, а досега закажани се 5976 термини за вакцинација на граѓани над 77 годишна возраст, информираше денеска и Министерството за здравство.

Сепак, во изминатите денови многу Македонци, самоиницијативно побрзаа да се вакцинираат во соседната Србија.

Нашиот соговорник кој сака да остане анонимен, на прашањето зошто брзаат да се вакцинираат во Србија, иако веќе започнува процесот на вакцинација овде, тој одговори дека не може да чека.

-Сакам да одам на одмор во Грција и таму ќе ми бараат 40 евра за тест, а овде вакцината е бесплатна. Ноќеска и син ми се вакцинираше со семејството. Јас бев закажан, тој не ни имаше закажано, ги вакцинираа во Ниш, одговори тој.

На прашањето дали само заради тие 40 евра отиде во Србија да се вакцинира, тој ни одговори дека веќе има прележано Ковид 19 и дека има и антитела, па зависи од тестот што ќе му го прават може да испадне позитивен и да не го пуштат.

-Вака имам потврда дека сум вакциниран и тоа е тоа, мораат да ме пуштат, рече тој.

Нашиот соговорник исто така отрки дека вакцинирањето во Србија одело многу брзо.

-Иако имаше долг ред, можеби околу 200 метри, одеднаш влегуваат по 10 луѓе за 10 пункта. Прво следи преглед од лекар, а потоа вакцина. По вакцинирањето седиш некои 10 минути и си одиш. Завршивме многу брзо, со се патот за околу 6 часа, раскажа тој.

Грција веќе објави дека летово на одмор во нивната земја ќе ги пушти граѓаните на Србија со потврда за вакцинација или негативен ПЦР тест.

-Оваа година граѓаните на Србија ќе можат да одат на одмор во Грција со потврда дека биле вакцинирани со која било вакцина, со негативен ПЦР тест или брз тест, а грчките граници најверојатно ќе бидат отворени за српските туристи во средината на април, иако сезоната официјално започнува на 14 мај, изјавија вчера во Белград министрите за туризам на Србија и Грција, Татјана Матиќ и Харис Теохарис.

-Сите вакцини ќе бидат прифатени за влез во Грција и оние кои се имунизирани ќе бидат насочени кон зелената лента на границата, со што би се намалил метежот. Оние што немаат сертификат за вакцинација ќе им треба негативен ПЦР тест или антигенски тест, кажа Теохарис.

Грција се уште не објавила дали ќе ги пушти и македонските граѓани кои се вакцинирани и од кога.

Во текот на минатиот викенд, според проценките, во Србија биле вакцинирани околу 10 илјади наши граѓани.