Сопственик и управител на фирмата БКД-М е Џеват Ајдиновски, истото лице кое се јавува и како сопственик на ЏМС Транспорт. Двете фирми од Еуростандард банка заедно земале кредити во вкупна вредност од 1,8 милиони евра, со хипотека вредна од 600 илјади евра. Двете фирми во рок од 742 дена не платиле ниту една рата од кредитите се до затворањето на банката. Според извештајот за банката од стечајниот управник, обезбедувањето за кредитот за фирмата БКД-М било одобрено и како обезбедување на кредитот за фирмата ЏМС Транспорт. Односно, користен е еден ист инструмент за обезбедување, и тоа несоодветен, за два кредити земени од две фирми поединечно. И двете фирми не биле ниту бонитетни ниту имале приходи кога им се доделени кредитите. Што е ова ако не чист криминал, велат од здружението на оштетени штедачи од Еуростандард банката Правда за штедачи.
„Според извештајот за банката од стечајниот управник Душко Тодевски, друштвото за експлоатација на камен, трговија и услуги БКД-М дооел Скопје е фирма која е должна према Еуростандард банка околу 960 илјади евра. Не платила ништо 742 дена, односно две години пред затворање на банката. На оваа фирма се води хипотека на деловен простор и друг недвижен имот со проценета вредност од околу 600 илјади евра.
БКД-М дооел е основана во јули 2008 година, со паричен влог од 5 илјади евра. Седиштето на фирмата е во општина Аеродром во Скопје и е депонент на Комерцијална банка.
Според билансите, оваа фирма е деловно неактивна. Последни регистрирани приходи на фирмата во 2015 година изнесуваат околу 14 илјади евра и добивка од неполни 4 илјади евра. Во фирмата нема вработени.
Како е доделен кредит од близу еден милион евра на деловно неактивна фирма, сега и кандидат за затворање? Немала ниту приходи кога е земен кредитот. Кои се тие лица од Еуростандард банка што го дозволиле овој грабеж и зошто за истиот се молчело долго време? А и сега сѐ уште се молчи.
Дали некој од истражните органи разговарал со раководните лица од банката, Трифун Костовски, Коста Костовски и Николче Петкоски и сопственикот на овие две фирми, Џеват Ајдиновски, како се поделени нашите лични парични средства и каде завршиле истите?
Во најновиот извештај за човекови права, американскиот Стејт департмент посочува дека обвинителите во нашата земја често ги пробиваат законските рокови и за тоа не сносат никакви последици. Поминаа осум месеци од затворањето на Еуростандард банка. И понатаму упорно се молчи додека познатите криминалци шетаат слободно уживајќи со нашите украдени пари. Ќе има ли правда.
Фирмите почнаа да зборуваат. До нашето здружение дојдоа исповеди од сопственици на фирми должници во Еуростандард банка кои сведочат како е организиран и направен криминалот во банката. Како е формирана мрежа на фирми, како се делеле и трансферирале „позајмици“, како се одобрувале ненаплатливи кредити, кој на кого и кога му се јавил, како биле подарувани кредити беа соодветни покритија за одредени солени надоместоци, како се делеле меници, како се правени лажни процени на хипотеки. Освен главните носители и организатори на криминалот, Трифун Костовски, Коста Костовски и Николче Петкоски, постојат и други лица кои се директно вклучени во грабежот на депозитите од банката. Веруваме дека овие сопственици ќе имаат прилика и можност нивните изјави да ги дадат на суд во скоро време“, се вели во соопштението на здружението на оштетени физички и правни лица на Еуростандард банка Правда за штедачи.