Македонија е единствена земја во Европа и пошироко во која фирми депоненти во банка не се заштитени и не се обештетуваат во случај на пропаѓање на истата. А такви „изгорени“ фирми има околу 2.000 во Еуростандард банка, велат од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банки, во пресрет на утрешната седница на Уставниот суд на којашто уставните судии ќе гласаат по однос на иницијативата за оценка за уставноста и законитоста на член 163 став 3 од Законот за банки.
Од Здружението посочуваат дека Фондот за осигурување на депозити не ги обештетува фирмите додека во случај на стечај се поставува пред нив и им ги зема сите средства во стечајната постапка. Државата ги оштетува фирмите со закон додека законски им наложува и ги обврзува да работат исклучиво преку банкарскиот систем, сметаат тие.
„Ваква штетна законска одредба не постои во ниту една земја во Европа, којашто во основа е и длабоко неуставна“, се вели во соопштението до медиумите.
Оспорената одредба од предметниот закон му дава предимство на Фондот за осигурување на депозити за целосна наплата на побарувањата од стечајната маса пред сите останати доверители. На таков начин, според Здружението на оштетени штедачи, се врши нееднаквост и дискриминација на физичките и правни лица доверители во банката кои се ставени во крајно нерамноправна положба и се директно оштетени.
„За нас нема дилеми, одредбата од член 163 став 3 од Законот за банки е очигледно неуставна и Уставниот суд како таква треба да ја укине и стави вон сила. Во интерес не само на оштетените физички и правни лица во ограбената Еуростандард банка кои се сега на удар, туку на многу поширок круг на банкарски клиенти, на кои во некое идно време може да им се случи истата судбина“, се вели во соопштението до медиумите.