Цените на нафтата на меѓународните пазари се задржаа под нивото од 39 $, под притисок на се поизразеното сомневање за договор помеѓу водечките извозници за замрзнување на производството на нивото од јануари.
На лондонскиот пазар цената на нафтата остана речиси непроменета во однос на претходното затворање и изнесува 38,81 $. Значајни промени во цената нема и на пазарот во САД каде се тргува за 36,71 $.
На крајот на минатата недела пазарот го разочара изјавата на висок саудиски претставник дека Саудиска Арабија ќе го замрзне производството на нивото од јануари само доколку тоа го направат Иран и другите големи производители.
На оваа порака се надоврза изјавата на иранскиот министер за нафта Bijan Namdar Zangeneh дека Иран ќе продолжи да го зголемува производството и извозот на нафта се додека не се врати на позиција што ја имаше пред воведувањето на санкциите.
Од друга страна Русија известува за најголемо производството на нафта во последниве 30 години.
Овие вести поттикнаа сомнежи во врска со успехот на состанокот на водечките производители на 17 април во Доха каде треба да се разгледа можноста за намалување на производството со цел да зајакнат цените и намалување на вишокот на понудата.