Еврото и доларот во вторникот зајакнаа во однос на јенот, поддржани од обновениот апетит на инвеститорите за ризични средства после опоравувањето на цените на нафтата.
Еврото во однос на јенот се зголеми за 0,65 проценти, на 124 јени. Во речиси иста процентна добивка од 0,5 проценти во однос на јапонската валута е и доларот, кој достигна 109,40 јени. Еврото во однос на доларот зајакна за 0,1 проценти, на 1,1330 $.
Расположението на пазарите значително се подобри откако се зголемија цените на нафтата. Клучна улога за зголемување на цената на нафтата е штрајкот на кувајтските нафтени работници што резултираше со намалување на производството на нафта во таа земја.
Во такви околности се зголеми склоноста на инвеститорите за средствата кои се сметаат за ризични, како што се еврото и акциите, а на девизните пазари се издвоија валутите на земјите извознички на стоки, како што се Канада. Австралија и Нов Зеланд.
Австралискиот долар во однос на америкаскиот долар се зголеми за 0,6 проценти, достигнувајќи највисоко ниво од јуни минатата година, од 78,03 американски центи. Новозеландскиот долар зајакна за еден процент, на највисоко ниво во последните 10 месеци од 70,28 американски центи. Канадскиот долар достигна највисоко ниво од јули минатата година.