На редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, одржана на 3 мај 2016 година, е одлучено каматната стапка на благајничките записи, како основна каматна стапка, да биде зголемена за 0,75 процентни поени, од 3,25% на 4%.
Одлуката за затегнување на монетарната политика е реакција на зголемената побарувачка на девизи и притисоците врз депозитната база на банките, коишто во целост се последица на влошените очекувања на економските субјекти, предизвикани од нестабилната политичка состојба во земјата. Со тоа, промената на каматната стапка е одговор на делувањето на фактори од неекономска природа.
Од друга страна, НБРМ и понатаму ги оценува економските фундаменти како здрави, без присуство на поголеми нерамнотежи во економијата. Сите досегашни показатели упатуваат на солиден економски и кредитен раст, без ценовни притисоци и без притисоци во надворешниот сектор. Дефицитот во тековната сметка и натаму е умерен, со позитивни преносни ефекти од структурните промени во извозниот сектор и со доволно финансиски приливи за негово финансирање. Воедно, сите показатели за девизните резерви постојано покажуваат нивно соодветно ниво, што е доволно за справување со шокови.
НБРМ, како и досега, и во следниот период внимателно ќе ги следи движењата и доколку е потребно, ќе направи дополнителни промени во монетарната политика за целосно стабилизирање на состојбите и на очекувањата на економските субјекти, со цел успешно да се остваруваат целите на монетарната политика.