Дури идната година ќе закрепне економијата во земјава. Европската Унија предвидува раст од 3,7 отсто за Македонија.

Со прогноза излезе Европската комисија во Пролетните економски прогнози кои се објавени денеска. Слична стапка за раст на БДП (3,8 отсто) се предвидува и за 2022 година.

„Во текот на 2021 и 2022 година, закрепнувањето се очекува да ја врати цврстата основа. Растот на реалниот БДП во просек би бил 3,7 отсто“, се вели во прогнозата.

За јавните финансии се предвидува нивно подобрување во согласност со економското закрепнување и постепеното укинување на фискалната поддршка. Со укинувањето на рестриктривните мерки, трошењето на домаќинствата се предвидува да се зацврсти и да забрза во 2021 и 2022 година, поддржано со понатамошно зголемување на платите, вработеноста и зголемување на дознаките. Инвестициите се очекува да растат. Закрепнувањето на странската побарувачка од Германија и од Кина, ќе го поттикне растот на извозот.