Многумина го знаат Горјан Јовановски, програмерот – активист.

Попознат како креатор на апликацијата МојВоздух, што го популаризира проблемот со загадување на воздухот кај нас. Апликацијата е вистински успех, и веќе се популаризира нашироко низ регионот.

Со Горјан се имам запознаено и јас. И ги почитувам неговите залагања.

Горјан во меѓувреме лансира уште неколку проекти. Eден од нив беше веб алатката Акредитатор, за утврдување на етичност на македонските интернет содржини.

Ова алатка имаше нешто поразлично од другите.

Што е тоа?

Ова алатка е исто поддржана од Фондот за Иновации и Технолошки развој.

За прв пат Горјан има добиено државни пари за развој на проект. Пари на граѓани. И токму поради тоа сметам дека имам ѓраѓанско право или обврска да упатам критика спрема неговата работа. Мој Воздух. Мој Текстилец . Мое Милениче. Акредитатор. Верига на проекти од кои засега како најветувачки се покажа Мој Воздух.

Што со другите? Не знаеме. Изгледа како да не стигнале далеку. Но било каква критика од овој тип во моментот изгледа како анатема. Ете уште еден хеjтер. Naysayer. Се нашол некој да направи нешто конкретно, да помогне и ете сега трчаме да се нафрлеме. Да не пркне човек тука во ‘Македонштината’, ќе речат.

Ова е еден агол што навидум би блокирал било каква критика спрема работата на Горјан.

Другиот агол произлегува од фактот што Горјан е програмер. Неговите решенија се технолошки. Допирливи. Во земја во која конкретни решенија се сеуште ретка појава, методот-Горјан изгледа супериорно. Решенијата на проблемите ги базира на програмски код. Кодот е супериорен. Кодот е рационален. Кодот нема емоции, што во земја традиционално базирана на трибализам и непотизам е голема работа. Кодот нема место за испрашување. Ниту за сомнеж. Кодот е резидентната единка на слободната територија наречена Техниум. Техниумот се поистоветува со технологијата. Но има една битна разлика. Техниумот претставува upgrade, унапредување на технологијата. Ако технологијата претставува безлична маса од методи и алатки, техниумот е идеологија, живо битие со свои потреби и барања. Горјан е дете на техниумот.

Токму од тука произлегува мојата критика на методот-Горјан. Да беа неговите решенија базирани на друг пристап, досега сигурно ќе беа удостоени со критика. Но бидејќи се базирани на код – место за критика нема. Кодот работи. If води до Then. Што сакаме повеќе од тоа?

Наскоро ќе ни стане појасно. Да го земем за пример неговиот проект Акредитив. Низ проста дедукција можеме да заклучиме дека не станува збор за сложен алгоритам (не дека инсистирам на сложеност). Алгоритмот ја вчитува веб страната што моментално ја имаш отворено и потоа прави проверка дали онлајн медиумот што моментално го читаш е споменат во листата на етички медиуми генерирана од страна на ЗНМ.

Ако да – зелено кругче

Ако не – сиво кругче

Значи, Акредитив не пресметува етичност туку се повикува на проста, предефинирана листа (third party list). Колку е таа листа исправна? Горјан и неговиот код не одат до таму. Не ја преиспитуваат таа листа. Токму на ова база заклучувам дека Горјан е техно-солуционист. Солуционизмот (solutionism) е своевидна религија. Во суштината на солуционизмот лежи постулатот дека кодот е решението за сите светски проблеми. Посебно за политичките. И за социјалните. Ако нешто не биде дефинирано со код, ако не може да биде ставено во ‘платформа’, не вреди ни да биде образложени како проблем, како предизвик. Така и тука. Алгоритмот има почеток и крај, не го интересираат целата констелација на прашања што лежат надвор од неговиот опсег.

Затоа методот-Горјан го сметам за плиток, симплифициран начин на дефинирање на проблем.

Дали Горјан кодира продукти? Да.

Дали е добар во тоа? Да.

Дали Горјан решил било кој од проблемите што ги таргетира? Тешко. Има проблемче? Напиши скрипта. Има уште едно проблемче? Напиши уште една скрипта. Го адресира скриптата односниот проблем? Само во потесна смисла.

Проверив колку е квалитетна листата од која Акредитив црпи податоци за етичноста на конкретен медиум? Речиси секој од нив има објавено вест со јасни примеси на сензационализам. Зошто тогаш овие медиуми се окарактеризирани како етични? Зарем немаше алатката да биде далеку поуспешна ако наместо да црпи податоци од листата на медиуми од Здружение на Новинари на Македонија, го правеше следното:

Ако насловот почне со “Шокантно” или “Скандалозно” – сиво кругче

Ако написот има помалку од 300 карактери – сиво кругче

Ако написот содржи embedded Фејсбук пост – сиво кругче

Ако насловот е напишан со СИТЕ ГОЛЕМИ БУКВИ – сиво кругче

Ете ти. Овие четири правила би биле сосема доволен сигнал за Акредитив и сосема би било доволно да се откријат повеќето лажни и сензационалистички вести. Воопшто не е сложен нашиот жолт печат во нивното лажно известување.

Кој е примарниот таргет (по претпоставка) на Акредитив? Нашата повозрасна популација. Тие се поприемливи на медиумска манипулација, на лажни вести, на Фејсбук универзитетот.

Како ќе им помогне кодот на Горјан? Не знаеме. Но не смееме ни да прашаме.

Горјан ја сподели алатката во неколку групи за програмери, барајќи фидбек. Некои ќе понудат фидбек, некои не. Решение од програмер, упатено кон програмери, класичен случај на обострано галење (Mutual pampering). Ами генералната јавност? Оние кои најмногу се засегнати од проблемот? Програмерите се добро потковани, по принцип знаат да препознаат лажни и сензационалистички стати и без помошна веб алатка. Но што правиме со тетка Зорица од комшии, што не е во Сојузен Комитет на Програмери?

Дали проработи алатката Мој Tекстилец? После иницијалниот buzz, би се осмелил да кажам дека не. Ја снема. И тука доаѓаме до суштината на методот-Горјан.

Горјан знае дека има две опции.

Првата – да се фокусира на еден проект, да го расте, и да ризикува да биде прашан за отчет.

Втората – да исплукува еден проект по друг под чадорот на социјална иницијатива. Никој нема да застане да го праша Горан за тој или тој проект, колку всушност неговите проекти имаат импакт, се додека Горјан испалува уште еден нов проект. Зошто не? Затоа што цело време Горјан се нешто решава, и сето тоа е од социјално значење, кој е тој тиран, тој ладнокрвник, што би преиспитувал проекти од социјално значење? Таман да го запрашаш Горјан за Мој Текстилец, го лансира Мој Миленик. Таман да го прашаш за Мој Миленик, го испалува Акредитив. Се додека Горјан испалува нови продукти, јавноста нема да има можност ни изговор да го праша дали било кој од претходните негови проекти суштински решил некој проблем.

– Ама прави нешто барем човекот, се обидува. Другите само кукаат на Фејсбук.

Да, прави. Но дали направи? Методот-Горјан поставува опасен преседан – тип на затворен метод на дефинирање и решавање на проблем, powered by technology, и нејзината недостижност за останатите нас, пристап што само поради тоа што е “иновативен”, не смее да биде доведен во прашање, action for action’s sake.

Деновиве Горјан повторно е актуелизиран преку неговиот најнов проект – МојГрад – платформа преку која Скопјани ќе можат да предложат идеи за подобрување на урбаниот живот и инфраструктура во град Скопје. Една од предложените идеи на пример беше изградба на младински центар на место на поранешниот индустриски комплекс Курпом, или според зборовите на подносителите на предлогот – простор соодветен на младите како ранлива категорија. Ова не ќе да е прв пат да кутрите млади бидат третирани како ранлива категорија и следствено на тоа да им треба засебно место за нив и нивната ранливост и кревкост. Какво ли е тоа место специфично за младите и по што се одвојува од местата наменети за останатите категории на граѓани, останува да прашаме.

За Горјан, МојГрад е алатка за репрезентативна демократија. Што во суштина е мудар начин на претставување а Горјан повторно го прави истото – го атачираш својот проект за некаква си општествена корист или цел, и со тоа се оградуваш од другите директни прашања по однос на метриките на твојот проект. Исто и со Акредитив – Дали успеа или не не е битно, битно е дека адресираше општествен проблем па што е битно какви му се метриките. Камо ние останатите профитни иницијативи да ја имавме таа привилегија пред нашите инвеститори, да нашите потфати се гледаат како светост само заради тоа што адресираат некаков си недефиниран општествен проблем.

Горјан го изразува својот револт поради тоа што ниту еден од првите три предлози не бил изгласан од советот на Град Скопје. Без оглед на тоа што оваа алатка за репрезентативна демократија е стара само месец дена. Без оглед на тоа што е само чекор понапредна од една Фејсбук платформа кадешто граѓаните повторно можат да изразат свои предлози. Без оглед на тоа што ако доаѓа од мнозинство не значи по автоматизам дека е мудро, или како што има некој речено – “We cannot enthrone ignorance just because there is so much of it.”

Дали решенијата на Горјан се најдоброто што можеме? Реков погоре, фактот што Горјан се послужил со средства од ФИТР ми дава за право како граѓанин барем да го поставам тоа прашање.

 

Пишува: Блаже Аризанов