Во приватните банки во Германија во 2020 година жените зазеле 34,8 % од раководните позиции, покажува истражувањето на АГВ Банкен за вработеноста во банките.

На почетокот од 1990 – те, жените имале помалку од 10 % раководни позиции во германските приватни банки, а во 2019 година, во управувачката структура биле 34,3 %, пренесува Ројтерс.

Зголемувањето на уделот на жените во менаџментот на банките во оваа земја последните години заостанува, а политичарите и инвеститорите се погласно повикуваат на акција по ова прашање, наведува британската агенција.

Банките признаваат дека треба да се направи уште многу во овој поглед и велат дека преземаат чекори за унапредување на родовата рамнотежа, но намалувањето на бројот на вработените и ре структурата ги компликуваат работите.

Одредени кредитори, како Дојче банк и Комерцбанк, како една од целите во своите стратегии навеле жените да се застапени со 35 % во управните органи, но некои критичари велат дека тоа не е баш амбициозно.

„Финансискиот сектор е машки домен. Тоа мора да престане. Германските финансиски лидери конечно мораат да направат место за голема различност во горните редови“, порачала на седницата на одборот за финансии Кансел Кицелтепе, пратеничка во германскиот парламент.

Студијата на Бостон Консталтинг Груп (БЦГ) и Техничкиот универзитет од Минхен, откриваат дека Германија талка зад другите големи економии, како што се Велика Британија и Франција, по застапеноста на жените во управните одбори.

Британија родовата еднаквост во одборите ќе ја постигне во 2034 година, а Франција во 2039 година, додека достигнувањето до таа точка во Германија ќе потрае до 2053 година.

Никол Воиг, директорка во БЦГ и авторка на извештајот, го критикува недостатокот на амбиции во компаниите на полето на родовата еднаквост.

„Ние го сочинуваме половина од населението. Амбицијата треба да биде еднаквост. Знам дека тоа е тешко да се достигне, но зошто како цел не ја постават еднаквоста, а не само уделот на жените од 35 %“, изјавила таа.