Во Германија од 1 јуни почнува експеримент во чии рамки група на одбрани граѓани во наредните три години ќе добиваат безусловни основни примања од 1.200 евра месечно.
Како што пишува Дојче веле, тоа е дел од пилотпроект чија цел е да се истражи ефектот на безусловен основен доход. Пријавени биле повеќе од два милиони луѓе, а на крај биле избрани 122 од нив.
Учесниците не морале да докажуваат дека имаат било каква потреба за пари, а за време на проектот им е дозволено да прават што сакаат и колку сакаат. Тие немаат никакви обврски спрема финансиерите на проектот, освен тоа што „мораат да пополнат седум онлајн-прашалници во рок од три години колку што трае студијата“, стои на веб-страницата на проектот.
Додатни 1.380 луѓе кои се избрани исто така исполнуваат прашалници на секои шест месеци, но тие не примаат основен приход, туку се платени само за времето потрошено за пополнувањето на прашалниците.
Парите за проектот ги обезбедиле околу 150.000 приватни донатори, а оние што ќе ги добијат во следните три години ќе бидат ослободени од данок.
Ова значи дека секој учесник на крајот ќе добие пари во износ од 43.200 евра, додека вкупната вредност на проектот, иницирана од непрофитно здружение во Берлин, е околу 5,2 милиони евра.
Иницијаторите на „Мојот основен приход“, како што се нарекува здружението, се убедени дека безусловната исплата на пари на сите граѓани ќе реши многу проблеми на денешното општество.
Тие веруваат дека луѓето стануваат послободни, покреативни и посреќни ако се ослободат од притисокот дека треба да заработат доволно пари за да преживеат.
„Ќе тестираме што луѓето прават кога се материјално обезбедени за три години. Дали ќе ги трошат тие пари или ќе создаваат финансиски резерви? Дали ќе престанат да работат или ќе работат помалку? дали ќе станат посоцијално ангажирани, дали повеќе ќе донираат?“, вели шефот на студијата Јирген Шуп, од Германскиот институт за економски истражувања.
Расправата за безусловниот основен доход со години беше крајно идеолошка, а како што наведува Дојче веле, суштинското прашање гласи: Што прават луѓето кога не мораат да работат?
После завршување на првата тригодишна фаза од проектот, ќе бидат покренати уште две студии во кои научно ќе се испита можноста на финансирањето.