По настапот на ТВ 24 што гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска го имаше на 31 мај, конечно паднаа маските. Ние од Здружението на оштетени физички и правни лица на Еуростандард банка „Правда за штедачи” веруваме дека сега и на најголемиот лаик му е јасно каква е нашата борба, за што се бориме и која е нашата цел. Затоа, во тој дел нема да се повторуваме, само ќе нагласиме дека ова е борба во интерес на граѓаните која се води преку начелата за правда, правичност, владеење на правото и дека крајната цел на таа борба е вистината.

Ние сметаме дека само преку овие универзални принципи можеме да дојдеме до успех кој би значел решавање на нашите проблеми. Но, и решавање на системските проблеми кои продуцираат состојби што се прекршуваат преку грбот на граѓаните, и во исто време, се во интерес на групации кои од таквите состојби постојано создаваат профит, умешно префрлајќи ја сметката за сопственото профитирање кај народот. Таквите групи имаат лобисти и поддржувачи во сите области на општественото живеење, кои не само што можат да преземат конкретни чекори за реализација на нивните цели од позиција на власт, туку како „авторитети” таквите чекори ги оправдуваат пред јавноста обидувајќи се да ги претстават како „заштита на јавниот интерес”.

Арно ама, денес истите тие силни лобисти имаат еден проблем. Тој проблем се нарекува ВИСТИНА. Поточно, проблемот кај сите овие структури е што не ја зборуваат вистината. Не треба да се има долго паметење за да се знае дека во изминативе два-три месеци кои претходеа на Одлуката на Уставниот суд за укинување на член 163 став 3 од Законот за банки, бевме заплиснати со информации дека ќе се случи голема нестабилност и несигурност на целокупниот банкарски сектор и финансиски систем доколку Уставниот суд ја прифати поднесената иницијатива. Дури и по донесената одлука, некои од „експертите” се дрзнаа да оценат дека тоа била „контроверзна” одлука на Уставниот суд бидејќи ќе го поскапела штедењето и ќе ги намалела профитите на банките. Небарем во оваа држава се треба да биде подредено на банките. Во таа насока, настапот на гувернерката Бежоска на ТВ 24 значеше „потоп” за сите институционални и „експертски“ поддржувачи на ваквите тези. Доколку се погледне последниот дел од емисијата каде гувернерката Бежоска зборуваше за банките, банкарскиот сектор и состојбата во него, може да се утврди дека таа, намерно или не, како да ги прераскажа соопштенијата и ставовите што во јавноста Здружението „Правда за штедачи” подолго време ги изнесуваше во врска со прашањето за постапката пред Уставниот суд, поврзано со стабилноста и сигурноста на банкарскиот сектор, но и поврзано со суштината на отпорот што доаѓаше од разните лоби групи и кој беше мотивиран само и единствено од „лукративни” цели.

Денес, кога Народната банка објавува податоци за профитот на банките во 2020 година и за првиот квартал на 2021 година, Здружението „Правда за штедачи”, кое на тие податоци укажуваше претходно, констатира дека здравствена криза и светска пандемија несомнено постои, но прашува, дали постои криза во однос на профитерството на банките? Дали постои опасност по профитот на банките поради одлуката на Уставниот суд? На ова прашање, гувернерката Бежоска јавно и јасно одговори дека одлуката на Уставниот суд не треба да се поврзува со стабилноста и сигурноста на банкарскиот сектор, што значи дека банките можат да бидат спокојни. Ниту постои криза во однос на профитерството, ниту постои опасност по профитот на банките поради одлуката на Уставниот суд.

Но, она што Здружението „Правда за штедачи” го загрижува е дали Министерството за финансии има капацитет да го разбере тоа и да изготви реформско законско решение. Имено, како што беше јавно соопштено, Министерството за финансии доби задача од Владата да изготви предлог за петнаесет дена со којшто ќе се пополни правната празнина создадена со одлуката на Уставниот суд. На 31 мај, Здружението „Правда за штедачи” поднесе барање до Владата да биде вклучено со свои претставници во работната група што ќе го изготвува решението, но до денес нема известување дали ова барање ќе биде прифатено. Сомневањата на Здружението „Правда за штедачи” се поради тоа што Министерството за финансии не така одамна си дозволи да врши притисок на јавна сцена врз Уставниот суд во врска со поднесената иницијатива за оценка на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки. Поради тоа, за нас се поставува прашање, како Министерството за финансии кое, во суштина, ја нема осознаено вистинската смисла и потреба, како и насока во која треба да се прават реформски зафати, може да изготви издржано законско решение со кое ќе биде пополнета правната празнина. Бидејќи, во основа, впечаток на Здружението „Правда за штедачи“ е дека Министерството за финансии не го разбира карактерот на проблемот и на настанатата правна празнина, туку е под силно влијание на банкарското лоби. Од таква ситуација може да произлезе предлог што нема да биде одраз на реформските потреби, ниту на правилен начин да ја одрази интенцијата што произлезе од одлуката на Уставниот суд. Туку може повторно во себе да инкорпорира причини поради кои Уставниот суд го укина член 163 став 3 од Законот за банки, што ќе предизвика дополнително комплицирање на состојбата, наместо решавање на проблемот што е создаден со правната празнина.

Затоа, мнение на Здружението „Правда за штедачи“ е дека Владата треба да оформи посебно тело за изготвување на овие законски решенија составено од повеќе заинтересирани страни, надвор од Министерството за финансии, за да може да се изготви предлог кој ќе биде во интерес на граѓаните. Здружението „Правда за штедачи“ јавно информира дека е подготвено со свои претставници да учествува во едно вакво тело и да даде свои предлози во делот на интервенција во повеќе законски текстови. Предлозите за измени и дополнувања на Законот за банки, Здружението „Правда за штедачи” веќе ги достави до Владата на 31 мај, се вели во соопштението на Здружение на оштетени физички и правни лица на Еуростандард банка „Правда за штедачи“.