На меѓународните валутни пазари минатата недела доларот ослабе, откако Банката на федерални резерви ФЕД не ги промени каматните стапки, а еврото и фунтата се под притисок од стравот на инвеститорите дека Велика Британија ќе ја напушти Европската унија.
Доларот во однос на јапонската валута падна за 2,7 проценти, на 104,10 јени, а во еден момент падна на само 103,55 јени што е најниско ниво во речиси две години.
Американската валута ослабе и во однос на еврото за 0,2 проценти на 1,1275 $.
Еврото во однос на јапонската валута ослабе за 2,4 проценти на 117,45 јени.
Американската валута е под притисок од средината на минатата недела откако лидерите на ФЕД на редовната седница донесоа одлука да не ги променат каматните стапки.
Од друга страна, јапонската централна банка (BOJ) не ја промени својата монетарна политика, што поттикна висока стапка на раст на јенот поради тоа што се очекуваше BOJ да воведе дополнителни стимулативни мерки, со оглед на слабоста на третата по големина светска економија.
Јапонскиот јен и швајцарскиот франк минатата недела зајакнаа и поради тоа што инвеститорите бегаат од поризични инвестиции во пресрет на референдумот “Brexit”.
Од друга страна, до крајот на минатата недела под притисок беа британската фунта и еврото бидејќи можниот излез на Британија од ЕУ би можел да ги раздрма глобалните финансиски пазари и да има значителни политички последици за ЕУ.
По неколку дена на притисок, во петокот, фунтата и еврото малку се опоравија благодарение на надежите на инвеститорите дека Велика Британија сепак, ќе остане во ЕУ.