Секторот за компјутерски криминал при МВР информираше дека во изминатиот период пристигнати се неколку пријави од страна на домашна банка за поставени уреди за копирање на податоци од платежни картички на банкоматите кои ги користи.

“Станува збор за поставени уреди кои нелегално ги копираат податоците од чипот на  платежните картички, при што потоа се извршуваат трансакции со недостаток на дел од податоците кои се испраќаат во авторизациската порака, односно со празно поле кое треба да содржи криптограм и е задолжително како дел од податоците од чипот на секоја платежна картичка.” – појаснуваат од Секторот за компјутерски криминал.

Во периодот што следи се апелира на зголемен мониторинг од страна на домашните банки, а воедно се апелира и до клиентите да внимаваат кога подигнуваат готовина и доколку забележат дека банкоматот има уред кој не е интегрален дел од истиот да пријават во најблиската експозитура на банката чии услуги ги користат.