Цените на нафтата се стабилизираа на ниво од 53 долари во очекување на чекорите за имплементација на договорот и последиците од одлуката на големите производители да го намалат производството.
На лондонскиот пазар цената на нафтата се намали за 81 центи во однос на претходниот ден на 53,12 долари. На американскиот пазар цената на барел нафта се намали за 65 центи на 50,40 долари.
ОПЕК во средата одлучи да го намали производството за 1,2 милиони барели дневно на 32,5 милиони барели. Во фокусот на пазарот сега е примената и ефектите на договорот за намалување на производството за прв пат од 2008 година, со оглед дека стапките на ОПЕК ќе бидат следени и од независните производители. Така, Русија вети дека постепено ќе го намалува производството за до 300.000 барели дневно во првата половина на 2017 година.
Аналитичарите наведуваат дека производството ќе почне да се намалува од јануари следната година, и тоа во однос на нивото од крајот на 2016 година, што според нив прави простор за продолжување на прекумерната понуда и во 2017 година.