На меѓународните валутни пазари доларот во однос на кошницата валути минатата недела падна, откако недела предходно се искачи на највисоко ниво во речиси 14 години, затоа што растот на американската валута изгуби на интензитет.
Курсот на еврото во однос на доларот минатата недела се зголеми за 0,7 проценти на 1,0665 $, повлекувајќи се од најниското ниво од март минатата година.
Во однос на јапонската валута, цената на доларот се зголеми за 0,3 проценти на 113,50 јени.
И покрај зајакнувањето во однос на јенот, долар индексот, што ја покажува вредноста на доларот во однос со шестте големи светски валути, минатата недела падна за 0,8 проценти, одкако недела пред тоа достигна највисоко ниво од 2003 година.
Од 8-ми ноември кога Доналд Трамп победи во трката за Белата куќа, приносите на американски обврзници силно се зголемија, бидејќи ја најави својата политика од протекционизам и воведувањето на високи тарифи за увоз на производи, преку инвестиции во инфраструктурата за да се зголеми потрошувачката и намалување на даноците што може да ја предизвика инфлацијата.
Но, минатата недела, обврзниците паднаа, додека порастот на вредноста на доларот изгуби на интензитет. Сепак, аналитичарите велат дека тоа може да биде само краткорочна корекција на американскиот долар по силниот пораст во изминатите недели.
Поддршка на доларот во наредниот период ќе биде очекувањето за зајакнување на инфлацијата, која е причината да ФЕД во декември најверојатно да ги зголеми клучните каматни стапки.
Пазарите проценуваат дека шансите ФЕД да ги зголеми каматните стапки на крајот на годината се поголеми од 90 проценти, а во наредната година е можно да се забрза темпото на раст на цената на пари.