Цената на нафтата во понеделникот на светските пазари, за прв пат во 16 месеци го надмина нивото од 55 долари за барел, како резултат на раширениот оптимизам кај трговците за намалувањето на прекумерната понуда откако ОПЕК минатата недела одлучи да го намали производството.
На лондоскиот пазар цената на суровата нафта се зголеми за 62 центи во однос на претходното затворање и изнесуваше 55,08 долари. Во еден момент достигна 55,20 долари, што е највисока цена од јули минатата година. На америкаскиот пазар цената на нафтата се зголеми за 54 центи на 52,22 долари.
Откако ОПЕК минатата недела донесе одлука за ограничување на производството, цените на британскиот пазар се зголемија за 19 проценти, најголем пораст во речиси осум години, додека на пазарот во САД цените се зголемија за 16 проценти.
Членките на ОПЕК овој викенд во Виена ќе се состанат со производителите на нафта кои не се членки на нивните организации, со цел да се финализира глобалниот договор за ограничување на производството на нафта.
ОПЕК се согласи да го намали своето производство за 1,2 милиони барели дневно до 32,5 милиони барели дневно, со цел да ја ублажи нерамнотежата помеѓу преголемата понуда и недоволно силната побарувачка, додека земјите кои не се членки на тој нафтен картел треба да го намалат своето производство за 600.000 барели на ден.