Цените на нафтата во понеделникот на меѓународните пазари скокнаа над нивото од 56 $ откако независните производители и Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), за прв пат од 2001 година, се согласија за заедничко намалување на производството.
На лондонскиот пазар цената на нафтата во однос на предходното затворање се зголеми за 2.21 $, на 56,54 $. На американскиот пазар се тргува за 2.16 $ повисока цена од 53,66 $.
На почетокот на неделата цените на нафтата на меѓународните пазари реагираа на договорот од саботата помеѓу независните производители, предводени од Русија, со ОПЕК за намалување на производството за 558.000 барели дневно. Тоа е најголемиот придонес на независните производители во намалувањето на производството откако започнаа ваквите иницијативи.
Договорот се надоврза на договорот во рамките на ОПЕК од крајот на ноември за намалување на производството за 1,2 милиони барели дневно во период од шест месеци, почнувајќи од почетокот на следната година.