На 13 декември 2016 година се одржа редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, на која беа разгледани состојбите во домашната економија, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.
На седницата беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се намали за 0,25 процентни поени на 3,75%, а понудата на благајнички записи на аукцијата на 14 декември да се зголеми од 22.000 милиони денари на 23.000 милиони денари.
Ваквата реакција на монетарната политика е одраз на видливото стабилизирање на очекувањата на економските субјекти, коешто во континуитет е присутно во последните шест месеци, и на значително повисоката структурна ликвидност на банкарскиот сектор. Сигналите за стабилизација се видливи во двата пункта каде што политичката криза имаше најголеми ефекти – девизниот пазар и депозитите во банкарскиот систем.
Имено, во услови на поволни движења на девизниот пазар, НБРМ и во текот на декември интервенираше со откуп на девизи, шестти месец последователно. Истовремено, првичните ноемвриски податоци покажуваат продолжување на растот на штедењето на населението во банкарскиот систем, во континуитет од јуни наваму. Поволните остварувања се во услови кога оцените за стабилноста на економските фундаменти и натаму остануваат позитивни.