Цените на нафтата во понеделникот на меѓународните пазари на паднаа на 56 долари, под притисок на стравувањата од зголемување на производството во САД, што би можело да го неутрализира ефектот на договореното намалување на производството.
На лондонскиот пазар суровата нафта падна за 1.08 $ во однос на претходното затворање и изнесуваше 56.02 $. На американскиот пазар суровата нафта се тргува за долар пониска цена, од 52,99 $.
Пазарите на почетокот од новата седмица се притиснати од податокот на специјализираната компанија Baker Hughes дека американските компании десеттата недела по ред, го зголемуваат бројот на бушотини.
Ова, за возврат ги поттикна стравувањата дека зголемувањето на производството на САД ги поткопува напорите на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и неколку независни произведувачи, меѓу кои и Русија, да се намали понудата.
Покрај тоа, цените на нафтата на почетокот на втората недела од годината се притиснати од силниот долар, со што се намалува куповната моќ на имателите на другите валути, а со тоа се попречува побарувачка. Зелената банкнота отскокна под влијание на очекувањата дека ФЕД ќе го интензивира зголемувањето на каматните стапки оваа година.