Според најновата евиденција на Агенцијата за вработување во јуни над 140 илјади лица активно барале работа, а од нив околу 18.000 биле вработени, па останале без работа поради кризата предизвикана од пандемијата. Секојдневно на веб-страницата на Агенцијата се објавуваат и по повеќе од 9.000 огласи за вработување, но повеќето од нив подолго време се повторуваат, што укажува на тоа дека сè потешко се наоѓаат работници
Работа има, но работници тешко се наоѓаат. Додека работодавците проблемот го лоцираат во нестручноста на кандидатите, луѓето кои бараат работа велат дека одбиваат вработување по ниските понудени плати кои, без разлика на позицијата, се движат околу минимално загарантираната од 15.200 денари.
Според најновата евиденција на Агенцијата за вработување во јуни, над 140 илјади лица активно барале работа. Од нив околу 18.000 биле вработени, па останале без работа поради кризата предизвикана од пандемијата. Секојдневно на веб-страницата на Агенцијата се објавуваат и по повеќе од 9.000 огласи за вработување, но и покрај повеќекратно поголемата понуда на работна сила повеќето од нив подолго време се повторуваат, што укажува на тоа дека се потешко се наоѓаат работници. На пример, компаниите кои се занимаваат со одржување на хигиена на станбени и деловни простории укажуваат дека со месеци објавуваат едни исти огласи за вработување на хигиеничари, но се пријавуваат главно текстилни работнички останати без работа поради кризата, кои не ги задоволуваат потребните критериуми. Тешко се наоѓаат работници и за другите сектори што беа најпогодени од кризата, како на пример угостителството, бидејќи келнерите, готвачите, шанкерите… ги пакуваат торбите за работа во странство каде повеќе се плаќа.
Од Сојузот на синдикатите на Македонија велат дека на газдите сега како бумеранг им се враќа отпуштањето и неплаќањето на работниците под изговор дека се погодени од кризата.
-Сојузот на синдикатите на Македонија во изминатиот период, а особено во време на пандемија предизвикана од ковид-19 предупредуваше дека работодавачите треба да водат грижа за работниците поради тоа што сите ние сме заедно во оваа несакана ситуација, но и дека по завршување на здравствената криза, повторно ќе биде голема побарувачката за работна сила. Но ако односот од страна на работодавачите спрема работниците е лош, тогаш работниците со сигурност нема да се вратат на работа и својата егзистенција ќе ја бараат во некоја од европските земји, што денес е случај, велат од ССМ.
Од синдикатот информираат дека најмногу поплаки од работниците во периодот на пандемија примиле поради неисплатена плата. Или, околу 40 проценти од правната помош што ССМ ја обезбедил за 80.000 работници во време на пандемија, била поради неисплаќање на плати или незаконско исплаќање на плати.
-Работодавачите во изминатиот период и покрај тоа што добиваа финансиска поддршка, за исплата на платите на работниците на предлог на ССМ, наместо да ги уплатат средствата обезбедени од страна на државата на сметките на работниците, ги ставаа во нивните џебови во целост, дел исплаќаа намалени плати под некаков изговор кој се покажа дека е спротивен на закон, за што поднесувавме и ние и државните органи кривични пријави за кои сè уште нема резултат. ССМ им укажуваше на работодавачите дека работниците во наредниот период нема да им простат на оние газди кои ќе ја злоупотребат ситуацијата поради нивната себичност, и кои не им исплаќаа плати или им исплаќаа спротивно на Закон и колективен договор, кои се дрзнаа да не исплатат регрес за годишен одмор, ги отпуштаа незаконски од работа па за тоа беа и казнувани, посочуваат од најголемиот синдикален сојуз и додаваат дека поради таквиот однос на работодавачите, денес кога потребата и побарувачката од работна сила е зголемена, работници нема, зашто тие наместо да ја градат македонската економија, ќе ја градат економијата на некоја друга држава.
Како пример на некоректен однос кон работниците го посочуваат работодавецот АД ИНЕКС ДРИМ Струга. Оваа компанија користела финансиска помош за плати за февруари и март годинава и поради тоа во наредните два месеца морала да го задржи бројот на вработени. Сепак, во април биле отпуштени повеќе од 10 работници. Со решение на Државниот инспекторат за труд тие требале да се вратат на работа, но одбиле, бидејќи нашле друго, подобро платено работно место, а АД ИНЕКС ДРИМ Струга сега објавува огласи за вработување.
Тешко се наоѓаат работници и во текстилниот сектор, каде се уште платите се меѓу најниските.
-Од огласите за вработување во АВРМ може да се види дека и покрај најавите за отпуштања во текстилниот сектор, најголем број на огласи за вработување се токму во овој сектор, но најчесто за плата од 15.200 денари, па работниците се повеќе и повеќе својата егзистенција ја бараат во другите подобро платени сектори или пак се иселуваат од државата. Многу лесно може да се случи, за брзо време во овој сектор каде што најмногу се прекршуваа работничките права, газдите, наместо газди, поради недостиг на работници да се пријават во АВРМ како баратели на работа па да станат работници и да имаат потреба од заштита од синдикатот против кој денес се борат, предупредуваат од ССМ.
Извор: Вечер пресс