Граѓаните годинава последен пат ќе поднесуваат годишна даночна пријава во Управата за јавни приходи за остварени дополнителни приходи во текот на претходната година. Според измените на Законот за персонален данок на доход, кои стапија на сила од 1 јануари оваа година, од следната година, ќе добиваат пополнета годишна даночна пријава што ќе ја издава Управата за јавни приходи, а даночниот обврзник само ќе ја потврдува.

За приходите остварени во 2017 година даночните обврзници може да поднесат годишна даночна пријава до 15 март оваа година. ГДП може да се достави на шалтерите на УЈП, електронски или по пошта. Граѓаните имаат обврска да пријават доколку оствариле приходи од издавање под закуп на станбен објект или хонорар по основ на авторски договор, за остварена добивка од наградна игра над 5.000 денари, дивиденди…. Даночниот обврзник не поднесува годишна даночна пријава доколку остварува приход само од плата, пензија, земјоделска дејност и самостојна дејност.

Во последните години годишна даночна пријава поднесуваат над 400.000 граѓани. Во 2017 година, за 2016 година пријавиле дополнителни приходи 439.689 граѓани кои доброволно пријавиле 173.592.004.847 годишни бруто приходи и 10.133.228.081 персонален данок на доход.

Приходите кои граѓаните ги остваруваат во земјата и во странство се оданочуваат со персонален данок на доход по стапка од 10 проценти. За следната година се најавени промени во персоналниот данок и воведување прогресивна стапка на оданочување, која ќе значи побогатите да плаќаат повеќе.

Се проценува дека планираните промени ќе ја зголемат стапката на наплата на персоналниот данок за 40 проценти.

Согласно законот доколку даночниот обврзник не поднесе даночна пријава до 15 март 2018 година ќе му биде изречена глоба за сторен прекршок. За ненавремено поднесување, односно неподнесување на пријава и за нецелосно пријавени приходи глобата се движи од 100 до 200 евра во денарска противвредност.

На даночните обврзници кои треба да пријават дополнителни приходи до 15 март годинава, исплатувачот на приходите треба до 25 јануари да им издаде пресметка.

Согласно измените на Законот за персонален данок на доход од јануари годинава се воведува нова процедура за пресметување и плаќање на обврските за персонален данок на доход, односно пресметувањето на данокот ќе се врши со поднесување на Електронска пресметка за приход и данок (е-ППД) до Управата за јавни приходи, преку новиот систем е-персонален данок.

Обврска да поднесат електронска пресметка за приход и данок имаат исплатувачи на приходи правни лица, кога исплаќаат приходи по сите основи на физички лица резиденти на Република Македонија и на нерезиденти, освен за исплата на плата на вработени лица, физички лица резиденти кои остваруваат приходи од други физички лица и приходи од странство, освен за приходи од вршење на самостојна дејност, како и физички лица нерезиденти кои остваруваат приходи од други физички лица во Македонија.

Исплатувачите на приходи од 1 јануари 2018 година ќе немаат обврска да му издадат на секој обврзник збирен податок за вкупно платената аконтација, како и да поднесуваат годишни или месечни извештаи ПДД-АДП/ПИ, ПДД-АДП/КД и ПДД-АДП/ДП.