Ваучерите за туризам се делат на крај на летната сезона, но не можат да се искористат ни за зимување. Рокот до кој ќе треба да се искористат е до декември. Хотелиерите бараат нивната важност за употреба да биде пролонгирана до февруари догодина.
Вкупно 3037 луѓе денеска ќе треба да си ги подигнат туристичките ваучери што ги дава министерството за економија за летување. Но, за помалку од две недели завршува и летната туристичка сезона, па на добитниците им останува релативно кратко време да ги искористат за летување. Тие нема да можат да ги искористат ваучерите ни за зимување затоа што рокот за употреба истекува на 30 ноември годинава.
Добитници на 12 илјади денари(200 евра) вреден ваучер се луѓе чии примања во семејството не надминуваат износ од 500 евра. Со тие ваучери добитниците ќе може да одморат во хотели лоцирани во туристичките центри во земјава.
Од Хотелската асоцијација на Македонија велат дека ваучерите за летување на две недели пред истек на сезона се задоцнети и оти истите требаше да се дадат уште во мај за да можеше полесно да граѓаните да си ги планираат годишните одмори. Претседателот на ХОТАМ, Крсте Блажевски објаснува дека со новиот бран на пандемијата не очекува голема искористеност на новите доделени ваучери за туризам.
„Мислам дека многу мал процент ќе се искористат. Ваучерите беа наменети за фамилии со ниски примања да направат летни одмори, кои наскоро ќе привршат затоа што децата наскоро ќе почнат со училиште, а нема да можат да ги користат ни за зимскиот распуст затоа што рокот е до ноември. Единствено ако може да се вложат напори да се пролонгира рокот до крајот на јануари 2022 година, за да може да се искористат барем во зимските скијачки центри“ вели тој.
Блажевски мерката туристички ваучери е добра, но не доволно добро спроведена. Една од забелешките е токму доделувањето на ваучерите на крај на летната сезона, затоа што за хотелиерите потежок период е првата половина од летната сезона.