Најголем број на млади лица кои го загубиле своето работно место имале договор за вработување на определено време, што го потврдува податокот дека младите се една од најранливите категории кога станува збор за работничките права. Работат на црно, имаат договори на определено, земаат плата пониска од останатите и работат на понесигурни работни позиции, наведуваат од Секцијата на млади при ССМ
Речиси секој петти евидентиран невработен во државата е млад човек на возраст до 29 години. Во евиденцијата на Агенцијата за вработување на крајот на јуни има вкупно 140.674 невработени, од кои 30.554 се млади луѓе.
Најбројни меѓу невработените се најмладите работоспособни, на возраст од 15 до 19 години. Ги има околу 14,6 илјади. Нешто помал е бројот на невработени на возраст од 20 до 24 години, кои на списокот на Агенцијата за вработување ги има 13.400, а невработеноста на младите на почетокот на ова лето се заокружува со околу 2.600 лица на возраст од 25 до 29 години.
Не само што потешко доаѓаат до стабилно работно место, младите се и први на список на газдите кои сакаат да се ослободат од дел од вработените. Тоа го потврдува анализа на Секцијата на млади при Сојузот на синдикатите на Македонија која открива застрашувачки податок дека од почетокот на кризата предизвикана од коронавирусот, речиси 30 проценти од луѓето кои останале без работа се млади лица под 29 години. Според најновите податоци за невработеноста што ги објавува Агенцијата за вработување, од 11 март лани кога се смета дека кај нас почна кризата предизвикана од ковид-19, до крајот на јуни годинава бројот на лицата одјавени од работен однос се доближи до 17.000. Секој четврти од нив, според пресметките на младите на ССМ, е на возраст до 29 години.
–Според нашите податоци, најголем број на млади лица кои го загубиле своето работно место имале договор за вработување на определено време, што го потврдува податокот дека младите лица се една од најранливите категории на лица кога станува збор за работнички права, работат на црно, имаат договори на определено, земаат плата пониска од останатите и работат на понесигурни работни позиции, наведуваат од Секцијата на млади при ССМ.
Пандемијата ги „покоси“ работните места на младите луѓе и на светско ниво. Во различни држави ситуацијата е различна, но ако се земат предвид неодамна објавените податоци на Меѓународната организација на трудот според кои секој шести млад човек во светот ја изгубил работата поради пандемијата на коронавирусот, македонскиот просек не е многу далеку.
Младите на ССМ се приклучуваат на барањето на синдикатот во новиот закон за работни односи, кој е во подготовка, договорите на определено време од сегашните пет да се ограничат на една година, по што работниот однос би се трансформирал на неопределено време. Тие сметаат дека само на тој начин ќе се спречи одливот на мозоци и младите ќе ја гледаат својата перспектива во сопствената држава.
Веднаш по нивната реакција за која повод беше Светскиот ден на младите се огласи премиерот Зоран Заев. Во објава на Фејсбук тој наведува дека стапката на невработеност на младите од 41,9 проценти во 2016-та, во 2020 година е симната на 29,6 проценти. На младите им нуди шанса во земјоделството, каде што се применува владината мерка за поддршка до 20.000 евра неповратни средства за поттикнување на земјоделското производство на млади земјоделци. Тој додава дека исклучително е важно да се адресираат и други клучни предизвици кои се дел од #Агенда2030 на Обединетите нации, како: намалувањето на младинската невработеност, социјалната вклученост, здравствената грижа, зачувувањето на биолошката разновидност и ублажување на климатските промени. Во постот тој ги споменува и младите доктори на кои им оддава јавно признание и благодарност.
-Северна Македонија е првата земја во регионот што ја разви „Гаранцијата за млади”, што даде значителен успех во однос активноста на младите на пазарот на труд во нашата држава. Заедно со другите сеопфатни и координирани младински политики, како што е Оперативниот план за вработување, стапката на младинска невработеност од 41,9 отсто во 2016-та, се намали на 29,6 проценти во 2020-та. Ја увидовме потреба од инклузија на младите во важните општествени процеси и затоа, денес преку Законот за младинско учество и младински политики во сите органи на државната управа и во единиците на локалната самоуправа има назначено службеник за млади, кој ќе им помага на младите за прашањата што ги интересираат од доменот на конкретната институција, наведува Заев.
Официјалната евиденција за невработеноста во државата дава податок и дека сè уште е голем бројот на невработени образовани луѓе во државата, од кои дел се млади. Околу 36.000 од лицата кои бараат работа се со средно образование, со високо се околу 11.000, а на списокот има и 830 магистри и 25 доктори на науки кои се во потрага по работа. Присутна е и долгорочна невработеност. Од пет до седум години работа не можеле да најдат околу 16.000 лица, а има и повеќе од 7.000 кои не успеале да се вработат најмалку осум години.