Берлин – Германската држава во последните години драстично ги зголеми субвенциите. Најголем дел од парите од данокот кој го плаќаат гермаснките граѓани одат за еколошки проекти.

Трошоците за субвенционирање на разни владини мерки се удвоија во последните три години, се наведува во извештајот за субвенции на Министерството за финансии објавен на крајот на неделата, пишува ДВ.

Според тој извештај, обемот на субвенции се зголемил од 24,6 милијарди во 2019 година на 47,2 милијарди колку што беше планирано за следната година. Тој обем мора да биде потврден од федералната влада следната недела.

Дел од субвенциите одат за даночни олеснувања, но најголем пораст е забележан во однос на директните финансиски „инјекции“. Дури 22,3 милијарди се за мерките за заштита на климата и животната средина.

Голем дел од колачот е наменет за субвенционирање на електро-мобилност, односно за директни субвенции за купување електрични автомобили и изградба на инфраструктура за полнење батерии. Замената на возилата за јавен превоз исто така е субвенционирана.

Но, повеќето пари одат за субвенционирање на адаптацијата на зградите на модерните еколошки стандарди. За мерки како замена на греењето или подобра изолација, државата планира да одвои 2,7 милијарди евра само следната година.

Покрај мерките за заштита на климата, големите ставки во субвенциите вклучуваат изградба на домуви, мобилност и дигитализација. 876,4 милиони евра ќе бидат инвестирани за надградба на брзата интернет мрежа, што е значителен скок во споредба со 2019 година, кога беа доделени 265 милиони. Критиките одека Германија заостанува во дигитализацијата очигледно наидоа на разбирање.

Со овој извештај, владата ја продолжува практиката за прецизно информирање на парламентот, како и Советот на германските провинции (Бундесрат) за распределбата и висината на субвенциите.