Приливот на странски директни инвестиции во Босна и Херцеговина изнесува 678,2 милиони КМ (346,7 милиони евра) во 2020 година, според податоците на Централната банка на БиХ.
Според порталот klix.ba, најмногу инвестиции лани се од Хрватска, 149,4 милиони КМ (приближно 76,4 милиони евра) и од Србија, 135,3 милиони КМ (околу 69,2 милиони евра).
Гледано по активности, најмногу инвестиции се направени во областа на финансиските услуги во износ од 157 милиони КМ (80,3 милиони евра), потоа во областа на трговија на големо 93,9 милиони КМ (47,4 милиони евра), и во областа на производството на електрична енергија 88,6 милиони КМ (.45,3 милиони евра).
На крајот на 2020 година, вкупните директни странски инвестиции во БиХ изнесуваа 15,08 милијарди КМ (околу 8,1 милијарди евра). Оваа сума е резултат на инвестициите во претходните години, како и работењето на компании во странска сопственост.
Најголемиот износ од вкупната залиха на директни странски инвестиции се уште се однесува на Австрија, 2,78 милијарди КМ (1,4 милијарди евра), потоа Хрватска – 2,42 милијарди КМ (1,2 милијарди евра) и Србија – 2,19 милијарди КМ (1,1 милијарди евра), според klix.ba.