Обложувалниците освен помош за сите погодени бараат и да бидат изземени од мерките и да им се дозволи да работат и онлајн, а останатите инсистираат на ревидирање на мерките со што би се дозволило да примаат и прележани во последните шест месеци, како и лица со негативен ПЦР тест. Од 1 септември исти мерки важат и за влез во државата, што според Стопанската комора за туризам ќе ги усложни патувањата.
Речиси две недели откако Владата донесе рестриктивни мерки за да го спречи ширењето на ковид-19, засегнатите од нив предупредуваат дека се пред банкрот.
Моловите, обложувалниците, казината… во кои не може да се влезе без сертификат за примена барем една доза вакцина или потврда за прележан ковид-19 во последните 45 дена сметано од денот на оздравувањето, информираат дека работат со најмалку преполовен капацитет, па бараат редефинирање на мерките, но и нова финансиска помош од државата за да опстанат.
Викендов се огласија обложувалниците. Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) предупреди дека поради мерките прометот им е намален за речиси 50 проценти, а со тоа е загрозен опстанокот на оваа стопанска гранка.
-Во прашање се доведени и работните места на повеќе од 3.500 директно вработени во спортските обложувалници, како и местата на преку 50.000 вработени во други дејности кои зависат од работењето на обложувалниците, велат од АСОМ.
Тие бараат итно носење економски мерки за финансиска помош, не само за спортските обложувалници, туку и за сите други субјекти кои го имаат истиот проблем, со цел да се одржат бизнисите и да се зачуваат работните места. Исто така се бара Владата и Комисијата за заразни болести да ги изземат обложувалниците од објектите во кои при влез задолжително треба да се покаже сертификат за вакцинација или потврда за прележан ковид.
Од Асоцијацијата потсетуваат дека обложувалниците лани беа првите целосно затворени субјекти дури два месеца, а како што велат, по отворањето продолжиле да работат по најстроги протоколи, иако во нивните објекти практично нема задржување, зашто се работи по шалтерски систем. Исто така, се бара од Владата итно да овозможат онлајн игри на среќа преку домашните лиценцирани приредувачи. Тоа, посочуваат од АСОМ, ќе значи поголем прилив во буџетот од сегашните над 250 милиони евра годишно.
Реагираа и трговците. Истите документи треба да се приложат и за влегување во моловите, а тоа, како што велат, довело до пад на посетеноста од високи 60 проценти. Новите ковид мерки целосно ќе го ослабнат бизнис секторот, реагираат трговците во моловите и велат дека мерките се остри.
-Само за еден месец приходите на продавниците се намалени за 30 до 49 проценти, токму тие вложија големи напори да ја одвиваат својата работа по прописи. Можеби треба да се размисли за нова евентуална итна мерка, поточно посетителите во затворените молови да влагаат со негативен брз тест, како што е пример во поголемите европски земји, реагираа од Скопје Сити Мол.
Угостителите велат дека без проблеми ги спроведуваат новите мерки, но исто како и обложувалниците и моловите се соочуваат со намален промет. Тие информираат дека дел од нив ставиле клуч на врата, а на оние кои продолжиле да работат прометот им паднал за дури 70 проценти. За нив пред крајот на минатата недела Владата малку ги олабави мерките, па дозволи да примаат вакцинирани и прележани гости во затворените делови, кои можат да бидат исполнети до 30 проценти. Сепак, кафеанџиите бараат да се ревидираат мерките и да им се дозволи да примаат гости кои прележале ковид-19 во изминатите шест месеци, како и гости со негативен ПЦР тест. Беа најавени и протести, кои од непознати причини се откажаа.
Во уште полоша ситуација се рестораните за свадби, затоа што и со олабавените владини мерки свадбите во затворено останаа забранети.
Од 1 септември новите владини мерки силен удар ќе им зададат и на туристичките работници. Истите документи – потврди за прележана болест или вакцинација, потребни за влез во трговски центар, кафуле или обложувалница, ќе мора да ги покажуваат на граница сите кои ќе сакаат да влезат во земјата без разлика дали се македонски државјани или странци. Македонските граѓани кои ќе ги немаат тие документи ќе бидат упатувани во изолација седум дена. На ова реагира Стопанската комора за туризам (СКТМ) која предупредува дека овие нови ковид мерки сериозно ќе го усложнат патувањето и ќе го отежнат престојот на македонските граѓани во странство. Од министерствата за здравство и за економија СКТМ чека одговор на барањето на македонските граѓани кои ќе бидат упатени во домашна изолација да им се дозволи во рок од 24 часа да извршат тестирање во домашна лабораторија и доколку имаат негативен резултат да бидат ослободени од самоизолација.
-Се надеваме и очекуваме одговорните институции да го прифатат нашиот предлог и да го олеснат патувањето на нашите граѓани во странство, односно враќањето во матичната земја, наведува Комората.
Одговор од Владата на ова барање нема речиси цела недела, како што нема ни на барањата на другите бизниси погодени од мерките. Останува само штура најава од вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи дека доколку е потребно, ќе се донесат нови мерки за поддршка на погодените.
-Како секогаш ги следиме донесените рестриктивни мерки и доколку заеднички одлучиме дека финансиските импликации се толку големи што бараат одредена поддршка ќе седнеме и ќе разговараме. Секако мерките ќе бидат за тие кои се најмногу погодени, рече Битиќи.
Тој појасни дека овие вонредни рестриктивни мерки се привремени, но ако сепак не е возможно брзо враќање во нормален живот, како што рече, Владата докажала дека носи мерки за стопанството кога тоа е потребно.