Многу кратко време по активирањето, страницата на Германската амбасада во Скопје за работни визи била речиси блокирана поради огромниот интерес и дури 50 илјади прегледи, соопштија од амбасадата.

Како што се посочува на официјалната фејсбук страница на Амбасадата, поради ова само еден дел од заинтересираните можеле да добијат можност да аплицираат.

Амбасадорката Анке Холштајн вели дека изминатите денови добиле многу повратни реакции за доделувањето на термини за визи за Западен Балкан. За жал, како што посочува, реакциите биле претежно негативни. Како што објаснува Сојузната влада на Германија овозможи за државјани од Северна Македонија (како и од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија) привилегиран пристап кон германскиот пазар на труд. Ова и понатаму се однесува на секој тип на работа – независно од признатата квалификација.

Согласно германската законска регулатива, во целиот регион на Западен Балкан смее да се доделат 25.000 визи годишно, од нив Северна Македонија добива годишна квота од 4.750 визи. Гледано според бројот на жители, на граѓаните од Северна Македонија, исто така поради Вашиот голем интерес, им стои јасно надпропорционален удел на располагање“, вели Холштајн.

„Но, бидејќи истовремено интересот за оваа програма е огромен (објавата од понеделникот само за неколку часа имаше над 50.000 прегледи), се разбира дека знаеме дека само еден дел од заинтересираните може да добие прилика, додава таа.

Сегашниот систем на доделување на термини, кој се користи во сите шест земји од регионот, треба да ѝ овозможи на Амбасадата, ограничената понуда на термини за поднесување на барања по можност да ја реализира широко распространето.

Затоа ве молам за Вашето разбирање и Ви ветувам истовремено, дека постојано работиме на подобрување на доделувањето на термините, за истото да биде потранспарентно за Вас, се вели во објавата на амбасадорката Холштајн на Фејсбук профилот на амбасадата.

Дојче веле пишува дека на заинтересираните граѓани од Северна Македонија им беа издадени рекордни 6.425 работници визи во 2019. година, но постапките речиси запреа во текот на 2020 година поради пандемијата на коронавирусот, односно лани работна виза добиле само 1.291 луѓе.

Според шефот на Сојузната агенција за вработување, Детлев Шеле на Германија и се потребни околу 400.000 доселеници годишно за да се пополнат сите неопходни работни места и тоа од сите профили: негуватели, преку техничари за климатизација, до логистичари и факултетски образовани луѓе.