Во четвртокот, хрватската влада усвои заклучок за спроведување на законодавни активности поврзани со воведувањето на еврото како официјална валута во Република Хрватска, што вклучува измени на 46 закони и 72 подзаконски акти, кои се планираат да бидат спроведени до 15 јули следната година, јави Хина.
Планирано е дополнително да се изменат уште 939 прописи, кои вклучуваат закони и подзаконски акти кои содржат помал број одредби поврзани со хрватската куна.

Со цел да се спроведе Националниот план за замена на хрватската куна со еврото, заклучено е да се утврди листата на закони и подзаконски акти што ќе треба да се изменат за целосно да се прилагоди хрватското законодавство до воведувањето на еврото како официјална валута во Хрватска.
Вицепремиерот и министер за финансии Здравко Мариќ информираше дека во изминатите месеци се работело детално и дека ги преброиле сите законски и подзаконски акти, од кои има вкупно 118, одноно станува збор за 46 закони и 72 подзаконски акти.

Овие 118 регулативи се во првата категорија, која вклучува закони и подзаконски акти кои содржат значајни референци за хрватската куна и кои треба да се изменат пред воведувањето на еврото.
Со оглед на терминскиот план на Владата за влез во Еврозоната од 1 јануари 2023 година, рокот за нивно прилагодување и промена беше одреден на 15 јули 2022 година, беше речено на седницата на Владата на Хрватска.

Втората група содржи 939 прописи, и вклучува закони и подзаконски акти кои содржат помал број одредби поврзани со хрватската куна, и чии промени се предвидуваат при следната редовна промена на прописите поради некоја друга потреба.

Министерството за финансии е задолжено да ги координира сите активности поврзани со спроведувањето на задачите наведени во заклучокот, да го надгледува спроведувањето на овие активности и да известува до Владата за спроведувањето на заклучокот.

Во воведниот дел од седницата, премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, потсети дека во Брисел дале силна поддршка на Хрватска на патот кон воведување на еврото.