Ширењето на делта варијантата на коронавирусот, бавното економско закрепнување и најавите за зголемување на даноците доведоа до пад на акциите на Вол Стрит.
Берзанскиот индекс Дау Џонс се „лизна“ за 292 поени, или 0,84 проценти, на 34.577 поени, С & П 500 падна за 0,57 проценти, на 4.443 поени, додека индексот Насдак падна за 0,45 проценти, на 15.037 поени.
Овие индекси пораснаа на почетокот на вчерашното тргување бидејќи инвеститорите беа охрабрени од малку послабите податоци за инфлацијата отколку што се очекуваше, откако потрошувачките цени се зголемија за 0,3 проценти во август во однос на претходниот месец и 5,3 проценти во споредба со истиот месец минатата година.
Иако инфлацијата е се уште многу висока, инвеститорите се надеваат дека, како што тврдат челниците на Централната банка на САД, таа е привремена.
Подоцна истиот ден, берзанските индекси се најдоа на негативна територија. Причината е стравот на инвеститорите дека заздравувањето на економијата ќе продолжи да забавува поради понатамошното ширење на коронавирусот.
Извештаи за потрошувачката на мало и расположението на потрошувачите во Соединетите држави, исто така, се очекуваат оваа недела, што ќе покаже дали ширењето на делта сојот ќе влијае на побарувачката.
Инвеститорите се фокусирани на предлогот на претседателот на САД, Џо Бајден, за буџетскиот пакет вреден 3.500 милијарди долари, што вклучува зголемување на корпоративниот данок од 21 на 26,5 проценти.
Предложените даночни измени, според аналитичарите на инвестициската банка Голдман Сакс, би можеле да ги намалат приходите на компаниите од индексот С & П 500 следната година за приближно пет проценти.