Во периодот од 01.01.2021 до 30.09.2021 година, НЛБ Банка АД Скопје работеше согласно усвоената Деловна политика на Банката за 2021-та година, прилагодувајќи го работењето на изменетите пазарни услови поради пролонгираната пандемија од КОВИД-19, која донесе бројни ограничувања во домашната и меѓународната економија.
Гледано за првата половина од годината реалниот раст на економијата е во рамки на очекувањата, додека во третиот квартал расположливте податоци покажуваат на понатамошен годишен раст на економската активност, но поумерен во споредба со годишниот раст од претходниот квартал. Во такви услови, целта на Банката, како една од водечките финансиски институции, е да ја зачува високата ликвидност и солвентност, да го задржи континуитетот и квалитетот на услугите кои ги нуди и да обезбеди финансиска поддршка на клиентите.
И во третиот квартал од 2021 година, Банката продолжи да остварува позитивни резултати преку реализација на низа активности поврзани со зголемување и подобрување на понудата за клиентите со продукти и платни сервиси. Во анализираниот период, Банката се насочи кон имплементација на стратешките иницијативи во инвестиции во дигитализација и нови технологии, со цел пренасочување на клиентите кон дигиталните канали како поедноставни, поевтини и побезбедни начини на извршување на банкарските трансакции.
Инвестициите во дигитализацијата, подобрениот квалитет на средствата, посветеноста на сите вработени, како и постигнатите извонредни финансиски резултати во изминатата година, во 2021-та беа наградени од:
- Финансискиот магазин ЕМЕА на Europe Banking Awards 2020 каде НЛБ Банка АД Скопје e избрана за Најдобра банка во C. Македонија
- Европска Банка за Обнова и развој каде НЛБ Банка АД Скопје е наградена за придонесот за успехот на програмата за финансирање на зелена енергија во резидентниот сектор.
Биланс на состојба
Заклучно со 30.09.2021 година билансната сума изнесува 102.833.036 илјади денари, односно се зголеми за 6.287.823 илјади МКД или 6,5% во однос на 31.12.2020 година.
Паричните средства и паричните еквиваленти изнесуваат 21.090.273 илјади МКД и бележат зголемување од 19,9% во однос на 31.12.2020 заради зголеменa состојба на краткорочни депозити во банки.
Кредитите и побарувањата од банки бележат намалување од 502.124 илјади МКД во однос на 31.12.2020.
Вкупните Кредити кај небанкарскиот сектор изнесуваат 61.920.021 илјади МКД и бележат зголемување од 6,8% во однос на 31.12.2020. И покрај продолжената ситуација со КОВИД-19 во земјата, кредитирањето кај домаќинствата и нефинансиските правни лица продолжи да се зголемува, со поголема динамика на раст кај домаќинствата и тоа во сегментот станбени кредити и потрошувачки кредити.
Вложувања во хартии од вредност изнесуваат 15.869.063 илјади МКД и се намалени за 3,0% во однос на 31.12.2020 како резултат на намалено вложување во државни записи и обврзници.
Преземените средства врз основа на ненаплатени побарувања во однос на 31.12.2020 година се намалени за 20,9%. Намалувањето се должи на редовни годишни исправки на вредноста на нефинансиските средства согласно регулативата на НБРСМ.
Вкупните депозити (депозити на комитенти и депозити на банки) изнесуваат 83.968.393 илјади МКД и во однос на 31.12.2020 година се зголемени за 4.188.554 илјади МКД или за 5,3%. Зголемувањето на депозитите се должи на нови клиенти од сегментот домаќинства кои се приматели на пензии, плата и други видови примања, нови клиенти кои ги користат физичките и електронските платни сервиси на Банката и нови клиенти од сегментот нефинансиски правни лица, како и на зголемувањето на приливот на средства на сметките на постојните клиенти во домашна и странска валута.
Обврски по кредити се зголемени за 92.080 илјади МКД или за 21,8%.
Субординираните обврски се зголемени за 1,4% во однос на 31.12.2020 година.
Акционерскиот капитал и резервите на Банката се зголемени 12,5% и изнесуваат 15.095.152 илјади МКД.
Биланс на успех
Нето каматните приходи, заклучно со 30.09.2021 година се повисоки за 1,4% споредено со истиот период претходната година, при што приходите од камати се пониски за 1,7%, главно поради пониски каматни приходи од секторите нефинансиски правни лица и население, додека расходите по камати се пониски за 22,7% главно поради пониски каматни стапки и преструктурирање на изворите во корист на средства по видување.
Нето приходите од провизии се повисоки за 9,5% споредено со истиот период претходната година, при што приходите од провизии се зголемени за 22,6% како резултат од зголемени приходи од ПОС терминали и повисоки приходи од услуги во платен промет во земјата. Расходите за провизии се зголемени за 46,8%, главно поради повисоки расходи за картично работење и повисоки расходи за кеш центар.
Останатите некаматни приходи изнесуваат 824.352 илјади МКД и се повеќекратно зголемени во однос на истиот период претходната година, главно поради остварени повисоки наплати на претходно отпишани побарувања кај нефинансиски правни лица и население како и поради зголемени приходи од курсни разлики.
Вкупните приходи од работење изнесуваат 3.929.508 илјади МКД и се повисоки за 18,9% во однос на истиот период претходната година.
Вкупните оперативни трошоци изнесуваат 1.555.792 илјади МКД и се зголемени за 10,7% при што трошоците за вработени се повисоки за 5,6%, трошоците за амортизација се повисоки за 16,7%, останатите расходи од дејност се повисоки за 14,5% во однос на истиот период претходната година.
Заклучно со 30.09.2021, беа издвоени Исправки на вредноста на финансиските средства и вонбилансна изложеност, на нето основа во износ од 468.071 илјади МКД или 5,3% повеќе во однос на истиот период претходната година соодветно на структурата и квалитетот на кредитната изложеност. Исправките на вредност на нефинансиски средства изнесуваат 28.949 илјади МКД.
Бруто добивката на Банката заклучно со 30.09.2021 година изнесува 1.876.696 илјади МКД и е зголемена за 33,5% во однос на истиот период претходна година.
Нето добивката на Банката заклучно со 30.09.2021 година изнесува 1.689.026 илјади МКД и е зголемена за 33,5% во однос на истиот период претходна година.