Црногорската влада утврди измени на Законот за данок на добивка со кој се предлага премин од пропорционално во прогресивно оданочување.
– Со овие измени се предлага премин од пропорционално (даночна стапка од девет проценти без разлика на висината на оданочливата добивка) кон прогресивно оданочување на приходите на претпријатијата во зависност од висината на оданочената добивка, по стапки од девет, 12 и 15 проценти – велат од Владата.
Микро и малите компании кои сочинуваат повеќе од 90 отсто од компаниите во Црна Гора и остваруваат добивка до 100 илјади евра, ќе имаат исто даночно оптоварување на добивката од девет отсто, според новото законско решение.
Од Владата велат дека на тој начин се обезбедува заштита за стопанските субјекти кои остваруваат добивка до пропишаниот износ.
– Со предложеното решение би се зголемиле буџетските приходи за приближно 25 милиони евра – се наведува во соопштението.
Владата соопшти дека сегашната стапка на корпоративен данок на доход во Црна Гора е најниска во споредба со земјите од регионот, како и со Европската унија (ЕУ), пишува Побједа.
– Имајќи предвид дека просечната стапка на данок на доход во ЕУ, која лани изнесува 20,8 отсто, и натаму е повисока од највисоката стапка на данок на доход предложена со овој амандман, беше истакнато дека Црна Гора останува конкурентна како инвестициска дестинација – се вели во соопштението.