Најголемите светски економии во четвртокот објавија дека размислуваат да ги искористат своите нафтени стратешки резерви по барањето на САД да преземат координирана акција за намалување на глобалните цени на енергијата.
Потегот на САД е одраз на фрустрација од однесувањето на членките на ОПЕК, кои ги здружуваат извозниците на нафта и нејзините сојузници, како Русија, кои ги отфрлија барањата на Вашингтон за забрзување на производството на овој енергенс во време кога светската економија се опоравува од пандемија.
Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден побара од најголемите купувачи на нафта – Индија, Јапонија и Кина – да размислат за активирање на нивните резерви на сурова нафта, изјавија извори запознаени со ова прашање.
Како што растат цените на бензинот и другите трошоци, Бајден се соочува со политички притисок пред среднорочните избори следната година. Анкетата на Ројтерс во октомври покажа дека 67 отсто од Американците се согласуваат дека инфлацијата е причина за голема загриженост.
Барел нафта падна за четири отсто откако Ројтерс објави за барањето на САД и Кина најави дека ќе искористи одредена количина од своите резерви. Цената на барелот закрепна во текот на денот.
Цените на нафтата се повлекоа од неодамнешните високи во очекување дека глобалната понуда ќе се зголеми.
Кинеското биро за државни резерви објави дека работи на активирање на резервите на сурова нафта, но одби да го коментира барањето на САД.
Со вклучување на Кина за прв пат, предлогот на САД претставува предизвик без преседан за ОПЕК, картел кој влијае на цената на нафтата повеќе од пет децении. Кина е втор најголем потрошувач на нафта во светот и најголем увозник.
Официјален претставник на јапонското Министерство за индустрија изјави дека Вашингтон побарал соработка во врска со високите цени на нафтата, но дека не може да потврди дека тоа вклучува координирана употреба на нафта од резервите.
Официјалниот претставник додаде дека, според законот, Јапонија не може да користи резерви за да ги намали цените.
Претставник на Јужна Кореја потврди дека пристигнало барање од САД и се разгледува, но рече дека нафтата не може да се ослободи од резервите поради високите цени, но само доколку има проблем со снабдувањето.
Меѓутоа, САД не побараа од Европската унија да учествува, според извор запознаен со дебатата за ова прашање, велејќи дека примарен проблем на Европа се високите цени на природниот гас.
ОПЕК планира да се состане на 2 декември. Членовите на оваа организација се за побавно зголемување на производството, сметајќи дека економското закрепнување е премногу кревко за да се оправда поголема понуда.
Организацијата го зголеми производството за 400.000 барели дневно месечно, постепено елиминирајќи ги рекордните намалувања на производството од 2020 година, кога пандемијата драстично влијаеше на намалувањето на побарувачката на нафта.
Соединетите држави имаат најголеми стратешки резерви со повеќе од 600 милиони барели. СПР на САД беше основана во 1970-тите по ембаргото на арапската нафта за да се обезбеди соодветно снабдување за итни случаи.
Во последниве години, бумот на производството на нафта од шкрилци им овозможи на Соединетите држави да станат ривал на Саудиска Арабија и Русија.