На денешното отворање на првиот Национален центар за поддршка на социјалните претпријатија министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, рече дека Центарот ќе овозможи системска поддршка на новите и на постојните социјални претпријатија, бидејќи тие се клучни во решавање на предизвиците на локално ниво поврзани со сиромаштијата, невработеноста и други социо-економски прашања во врска со интеграцијата на ранливите групи на граѓани.
Министерството за труд и социјална политика, со поддршка на Владата го обезбеди просторот, кој со средства на ЕУ се уреди во место кое ја поддржува социјалната инклузија, интеграција, развој на социјалната економија и социјалното претприемништво во земјата.
Шахпаска информираше дека отворањето на Националниот центар, како и промоцијата на концептот за социјално претприемништво е многу важен за развојот на социјалните претпријатија.
„Клучната улога на социјалните претпријатија е да обезбедат рехабилитација и реинтеграција на пазарот на трудот, сигурна и стабилна иднина за тешко вработливите лица, за лицата во социјален ризик, поранешни зависници, лица кои порано биле во судир со законот и лица со попреченост. Сите овие ранливи граѓани преку социјалните претпријатија, добиваат шанса да се вклучат во заедницата, да заработуваат за сопствена егзистенција и да придонесат за развој на локалната, меѓутоа и на националната економија.“ рече министерката.
Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, потенцираше дека Владата е посветена во создавањето на солидарно општество за сите.
Информираше дека преку Фондот за иновации и технолошки развој, оваа година за првпат e овозможена и финансиска поддршка од 6 милиони денари за реализација на проекти за социјално претприемништво. На јавниот повик се пристигнати 69 апликации, а ФИТР може да поддржи дури до 90% од целокупниот буџет на проектот.
„Социјалното претприемништво не е ништо помалку, од иднината на претприемништвото како форма, во кое се повеќе ќе сведочиме за бизниси кои освен тоа што генерираат профит, создаваат и позитивни промени во општеството. Воедно, ќе носат социјално-демократски вредности, во секојдневното работење. Оваа Влада го препозна потенцијалот и потребата на социјалното претприемништво, нашите политики се ориентирани кон интеграција на истото во економијата. Токму затоа, на 28 септември оваа година, беше усвоена и Националната стратегија за социјалните претпријатија, со која создадовме една официјална платформа, како алатка која ќе ни помогне во следење на развојот на социјалното претприемништво во земјата“, нагласи Битиќи.
Регионални саеми за социјални претпријатија деновиве се организираат и во други градови низ земјава. Националниот центар за социјални претпријатија својата поддршка и развој на социјалните претпријатија ќе ја обезбедува заедно со 8-те регионални точки за поддршка неодамна воспоставени во Скопје, Велес, Штип, Тетово, Струмица, Охрид, Битола и Куманово.