Капитален проект на кој ќе посветиме големо внимание е изградба на железницата кон Бугарија, а обезбедени се пари за инфраструктура за брз јавен превоз во Скопје, изјави на прес-конференција министерот за транспорт и врски Благој Бочварски. Во однос на брзиот превоз (БРТ, или како што уште се именува, трамвај на гуми) министерот ја повика градоначалничката на Скопје да не го раскинува договорот за негова изградба. Бочварски рече дека над 90 проценти од буџетот на министерството ќе биде наменет за капитални проекти, односно 10,885 милијарди денари
„Посебен фокус даваме и на изградба на железницата кон Република Бугарија. За оваа намена во Буџетот предвидовме 2,576 милијарди денари. Согласно тендерските процедури, очекуваме дека во првиот квартал од следната година ќе имаме избрано изведувач и ќе започнеме со изградба на двете делници од Куманово до Бељаковце и од Бељаковце до Крива Паланка. Исто така, ќе продолжиме со одржување на железничката инфраструктура на Коридор 10″, нагласи Бочварски.
Тој упати повик до градоначалничката на Скопје да ја преиспита својата најава за прекин на договорот за изградба на брз јавен превоз во главниот град.
„Во буџетот за следната година предвидовме 246 милиони денари за воведување на брз автобуски превоз во Скопје. Би сакал да потенцирам дека тендерската постапка за овој проект е во тек, и од тука сакам да упатам апел до Град Скопје да ги преиспита најавите за откажување од овој проект. Повикуваме, Градот Скопје да ја преиспитаат одлуката бидејќи секое отстапување од ваков систем на транспорт, нема да донесе поефикасен превоз во главниот град“, рече Бочварски.
„Развојната компонента на буџетот ни дава очекување дека следната година ќе имаме непречено финансирање на проектите заради остварување на инвестициските цели на министерството. Проектиравме 6,188 милијарди денари за изградба на автопатат на Коридор 8 односно автопатските делници: Тетово – Гостивар – Букојчани и делница Требеништа – Струга – Ќафасан, како и автопатската делница Прилеп – Битола на Коридор 10 д, посочи Бочварски.
Со оваа инвестиција, додаде, се заокружува планот за изградба на модерна патна инфраструктура од запад кон исток, имајќи предвид дека се работи на патен правец дел од европската мрежа на коридори.
Како што кажа, 399 милиони денари се предвидени за воспоставување на интелегентен транспортен систем на Коридор 10 со што ќе се подигне безбедноста во сообраќајот и ќе се овозможи поефикасен транспорт.
Во буџетот на Министерството за наредната година, како што кажа, предвидени се и 275 милиони денар за доизградба на двата магистрални гасоводи, од Неготино преку Прилеп до Битола, каде работите се завршени над 95 отсто и од Скопје – Тетово до Гостивар, каде реализацијата е околу 80 проценти.
„Преку НЕР се подготвува постапка за изградба на интерконекторот со Грција. Очекуваме следната година да објавиме јавен повик за изведба и изградба. Во завршна фаза е и проектот за магистралниот гасовод од Гостивар до Кичево и Велес – Свети Николе“, рече Бочварски.
Предвидени се, рече Бочварски, 70 милиони денари за финансиска поддршка за воспоставување на нови авиолинии и дека во план е да се распише нов јавен повик со оглед дека договорот со авиокомпанијата Визер истекува на 1 март.
„Во соработка со ЈП за државни патишта продолжуваме со силниот инвестициски циклус во изградба и модернизација на патната мрежа. Очекуваме Собранието да го изгласа анексот за продолжување на изградба на автопатот Кичево-Охрид и градежните работи да се засилат со потребната динамика и да се заврши во предвидениот рок. Следната година ќе се заврши изградбата на експресниот пат од Штип до Радовиш, и тоа четири месеци пред рокот, ќе заврши и изградбата на експресниот пат од Крупиште до Кочан, а интензивно ќе продолжиме со изградба на експресниот пат од Градско кон Прилеп и од Ранковце до Крива Паланка. Градежните работи на автопатот Скопје-Блаце се одвиваат со добра динамика, очекуваме во следната година, првата фаза да биде пуштена за сообраќај и да биде распишана и постапката за избор на изведувач за втората фаза од село Блаце до аеродром Стенковец. Во континуитет продолжуваме со рехабилитација на магистралната патна мрежа“, рече на прес-конференцијата министерот Бочварски.