Во моментот во регистарот на финансиски друштва има 32 друштва, а 31 од нив нудат брзи кредити. Основната главнина од 100 се зголемува на 500 илјади евра, па се проценува дека ќе се намали бројот на овие друштва
Oсновната главнина на финансиските друштва од сегашните 100 илјади се зголемува на 500 илјади евра, предвидува првата Нацрт-верзија на измените на Законот за финансиски друштва, чие време за коментирање на ЕНЕР истекува за два дена. Во моментот, регистарот на финансиски друштва го сочинуваат 32 друштва, а 31 од нив нудат брзи кредити. Од Министерството за финансии сметаат дека петкратното зголемување на главнината на овие друштва, ќе го намали нивниот број и ќе ја зголеми сериозноста во работењето.
– Зајакнувањето на пазарната позиција на финансиските друштва во изминатиот период ја наметна потребата од зајакнување на регулаторните барања и стандарди што треба да ги исполнуваат. Со зголемувањето на бројот на финансиските друштва, значително се зголеми и бројот на корисници на потрошувачки кредити. Поради ова, се јавува потреба за поголема заштита на граѓаните-корисници на кредит од финансиските друштва. Дополнително, условите како финансиска активност која можат да ја вршат финансиските друштва не се детално уредени, а со тоа и недоволно користени како алтернативен извор на финансирање од компаниите. Исто така, потребно е усогласување со соодветните законски решенија поврзани со процесот на дигитализација – образложуваат предлагачите.
Со овие измени се ограничуваат и надоместоците што финансиското друштво ги предвидува со договорот за кредит, се решава проблемот со отворање нови кредити за да се затворат старите, се оневозможува обложувалниците и другите приредувачи на игри на среќа да бидат посредници за обезбедување кредит. Во новиот предлог нема измени во делот за одобрување кредити на далечина, односно без лично присуство.
Она што е важно за корисниците на кредити од финансиските друштва е тоа што казните за доцнење на отплата на ратите ќе се ограничат на најмногу 10 проценти од висината на кредитот.
– Финансиско друштво не смее да склучи договор за потрошувачки кредит ако договорот предвидува еден или повеќе надоместоци поврзани со неисполнување на договорот на потрошувачот, кои поединечно или комбинирано надминуваат или може да надминат 10 отсто од износот на одобрениот кредит. Надоместокот од ставот (4) на овој член не ја вклучува законската казнена камата – стои во новопредложените членови на Законот за финансиски друштва.
Исто така е важно дека со додавање нов став на членот 5 од Законот, приредувачите на игри на среќа веќе нема да смеат да посредуваат за брз кредит за клиентите.
– Трговско друштво што поседува дозвола или лиценца издадена според Законот за игри на среќа и за забавни игри не смее да биде кредитен посредник на финансиско друштво – гласи новопредложениот став во Законот.