Акциите на „Алибаба“ незапирливо паѓаат на берзите, а поради тоа драматично се топи богатството на некогаш најбогатиот Кинез Џек Ма. Милијардерот изгубил околу 30 милијарди долари во изминатата година и моментално тежи “само” 38,6 милијарди, наспроти максималното негово богатство од 66,6 милијарди долари кога акциите на неговата компанија „Alibaba“ на берзите беа едни од најскапите и најбараните.

Само во петокот, по новиот пад на вредноста на акциите на „Alibaba“, Џек Ма загуби дополнителни 350 милиони долари.

Претходната недела, „Alibaba Group” објави разочарувачки квартални приходи и ги наруши прогнозите за следната година.

Приходите на кинеската компанија во вториот квартал се пониски од очекувањата на пазарот, бидејќи забавувањето на потрошувачката во Кина и нарушувањата во синџирот на снабдување го погодија нејзиниот сектор за е-трговија, според објавените финансиски резултати на компанијата.

„Reuters” наведува дека деловните резултати на компанијата „Alibaba“ пропаднале во вториот квартал од фискалната година и дека по објавувањето на финансискиот извештај, акциите на компанијата котирани на Њујоршката берза, кои изгубиле 30 проценти од вредноста досега оваа година, дополнително се намалиле во петокот за 2,4 проценти.

Но, не само „Alibaba“, туку и другите големи кинески технолошки компании се исто така под силен притисок на построгите прописи донесени од кинеските регулатори, повикувајќи се на антимонополски и безбедносни причини.