Во извршителските канцеларии сè уште стојат нереализирани близу еден милион од барањата за извршување што ги примиле во последните 15 години, колку што постојат, што е еднакво на речиси 65 проценти од сите примени барања
Сметките на граѓаните и фирмите се сè потенки, па на извршителите им треба повеќе време за да земат пари од должниците. Според најновата информација на Министерството за правда за примена на Законот за извршување и надзорот над работата на извршителите во 2020 година за реализација на повеќе од половина од предметите на извршителите им била потребна повеќе од една година, а тоа е знак дека работат со помала ефикасност.
-Извршената анализа на времетраењето на извршувањето на предметите покажува дека се намалува ефикасноста на извршувањето. Имено, од реализираните 44.889 предмети, 13.083 или 29 проценти биле реализирани во рок до три месеци, 3.199, или 7,1 проценти во рок од три до шест месеци, 4.411 предмети или 9,8 проценти во период од шест до 12 месеци, а остатокот од 24.455 предмети, односно 54,5 проценти над една година. Ваквиот тренд укажува на фактот дека доколку должниците имаат парични средства, системот на извршување овозможува брза реализација на извршните исправи, но доколку таквите средства не се доволни за наплата на паричното побарување, се преминува на другите начини на извршување кои се подолготрајни, бидејќи се вршат по пат на продажба на подвижни и недвижни предмети преку јавни наддавања, проценки и слично, констатира Министерството за правда.
Инаку, во извршителските канцеларии сè уште стојат нереализирани близу еден милион од барањата за извршување што ги примиле во последните 15 години, колку што постојат. Во тој период од една ипол деценија извршителите не реализирале речиси 65 проценти, или 982.651 од барањата.
Информацијата содржи и податок дека лани освен новопримените, извршителите се обидувале да наплатат и над еден милион предмети доставени од доверители во претходните години. Или, во извршителските канцеларии имало вкупно 1.038.610 активни извршувања по барања за извршување од претходни периоди.
Лани, пак, биле примени 101.360 барање, од кои 8.461 од физички лица и 90.441 од правни лица. Наплата преку извршител најмногу бараат компаниите, а на второ место се приватните даватели на комунални услуги, кои лани во извршителските канцеларии низ државата доставиле близу 24 илјади барања за присилна наплата. Веднаш зад нив се банките со околу 11 илјади доставени предмети. Од должниците, пак, безмалку 85 илјади се физички, а само околу 13.000 се правни лица. Меѓу државните органи има околу 4.000 должници за кои е побарано извршување. Освен што биле ангажирани со земање пари или имот од должникот и нивно префрлање кај доверителот, извршителите лани реализирале и непарични побарувања, меѓу кои и враќање на четворица работници на работното место кое неправедно го изгубиле.
Во 2020 година кога во нашата држава се прогласи пандемија, или доверителите биле повоздржани, или фирмите и граѓаните биле поревносни во плаќањата, па до извршителските канцеларии стигнале околу 17 проценти помалку предмети отколку во 2019 година, при што најмногу, за повеќе од една третина намален е приливот на предмети на подрачјата на Куманово, Кратово и Крива Паланка. Истовремено, токму на тие подрачја има и најголема реализација на примените предмети.
Паднале и приходите на извршителите и тоа за 29 проценти.
Само лани извршителите од должниците наплатиле над 123 милиони евра, а за 15 години собрале околу 1,5 милијарди евра.