Еден претстоен настан што е посебно интересен во финансиската и општо економската сфера е укинувањето на LIBOR каматната стапка, од 01 Јануари 2022 година.

Се зборува за укинување но ова е само делумно точно бидејќи во суштина станува збор за транзиција. Односно сегашната LIBOR каматна стапка се заменува со нов конструкт наречен SOFR. Aјде делче по делче да отпакуваме за што станува збор.

 

Што е LIBOR?

На факултети нé учат дека LIBOR (London Interbank Bank Offer Rate) e интернационална каматна стапка на база на која комерцијалните банки си позајмуваат средства меѓусебно. На база на LIBOR националните централни банки ја одредуваат својата референтна каматна стапка на база на која им позајмува средства на домашните банки. Така во Македонија имаме МИБОР, во Јапонија имаме ТИБОР, итн. Oва во суштина значи дека LIBOR е Кралот, на база на кој се формираат цените на сите останати финансиски продукти, деривати, кредити итн.

 

Што вистински е LIBOR?

Накратко кажано, евродолар. Односно офшор долар. Затоа LIBOR претставува каматната стапка по која интернационалните банки ширум светот си позајмуваат евродолари меѓусебно. Обрни внимание, намерно велам ‘евродолари’, а не Американски долари. Ова е поради тоа што евродоларот (офшор доларот) е глобалната Резервната валута а не Американскиот долар што е во јуриздикција на САД исто како што националната валута на било која друга земја е во јуриздикција на нејзината сопствена централна банка. За евродоларот пишував нашироко тука, тука и тука.

 

Зошто се укинува LIBOR?

Стандардното објаснување на кое ќе налеташ во медиумите е дека LIBOR се укинува заради откриените манипулации врз него од страна на (алчни и злобни) банкари, за своја лична корист и богатење. Во 2011 година Федералните резерви на САД го обелоденија ‘скандалот’ и се произнесоа со фразата Злосторство на Векот. Какво беше тоа злосторство? Панелот на банки на база на чиј што инпут се формира LIBOR давале неточен инпут, односно го манипулирале LIBOR и Британската Банкарска Асоцијација за своја лична корист. Ќе се вратам на ова наскоро, бидејќи пред тоа мораме најпрво да образложиме нешто друго, т.е. мораме да образложиме што е SOFR.

 

Што е SOFR?

SOFR (Secure Overnight Financing Rate) е новата каматна стапка што ќе го замени LIBOR. За разлика од LIBOR каматната стапка којa што е продукт на инпутот на банкари што гледаат што се случува на пазарите, SOFR e вештачка креација од страна на регулаторите што сега се сака да се наметне врз глобалниот монетарен систем од страна на регулаторите.

Тука повторно се појдува од истата промашена претпоставка дека пазарот е како мало дете, ако го оставиш сам на себе подолго време, се откачува, станува несмасен и прави проблеми како на пример Глобалната Финансиска Криза од 2009 година. Затоа одвреме навреме мора да интервенира возрасното лице односно регулаторот, да го стави размазеното дете (слободниот пазар) во ред. Иронијата e што SOFR е предвидено да ја замени LIBOR, каматна стапка што теоретски не би требало ниту да постои, за пазар што не би требало да постои. Но сепак постои. Зошто? Е ова е вистинското прашање. LIBOR со децении претставува трн во окото на регулаторите бидејќи претставува органска креација на пазарот што директно сведочи за неспособноста на централните банкари да испорачат пари во економијата. Зарем е чудно што бирократите го искористија првиот погоден момент (скандал) да ја нападнат и уништат таа креација?

 

Која е разликата меѓу LIBOR и SOFR?

Главната разлика меѓу двете каматни стапки е во однос на начинот на нивната пресметка. LIBOR се пресметува на база на инпут даден од панел составен од десетина глобални банки. SOFR се пресметува на база на цената за позајмување дневна ликвидност (рок на доспевање од еден ден), покриена (обезбедена) со Американски државни обврзници.

За да стане појасно ќе потенцирам дека необезбедените заеми (без колатерал) беа стандард пред Светската Финансиска Криза, но набргу потоа таквата форма на позајмување речиси исчезна од банкарскиот систем односно секоја банка што и позајмува на друга банка за возврат бара покритие на тој заем во форма на ликвиден еквивалент (државни обврзници како најсигурна форма на обезбедување). Ова во суштина значи дека репо (repurchase agreement) каматната стапка директно се врзува со цената на сите други финансиски продукти што до сега го земаа LIBOR како репер.

На ова се инсистира како нешто добро и квалитетно бидејќи сега формирањето на каматната стапка би било базирано на фактички трансакции што се случуваат на секојдневна основа (секојдневно купување на државни обврзници од страна на Федералните резерви) а не на база на тоа што ќе рече панел од десетмина банкари наводно водени од алчност. Но дали?

Првиот и главен проблем со СОФР

… е пребагателен за дискусија кај оние што работат во финансиските пазари. SOFR нема term structure (крива на приноси) односно за разлика од LIBOR, нема 1-месечен SOFR, три-месечен SOFR, годишен SOFR итн. Како тогаш банките ќе дефинираат под кои услови би дал да речеме едномесечен заем или петгодишен хипотекарен кредит само на база на дневна референтна каматна стапка? Лудило.

 

За неколку процентни поени ли се воведува ова лудило?

Прашај било кој банкар што работи во одделот за кредитен ризик во било која банка со меѓународни релации и ќе ти го каже истото, притоа фаќајќи се за глава. Ова не е само глупост туку само сериозна глупост, а изговорот поради кој се воведува SOFR (заради грст банкари што краделе неколку процентни поени) е багателен и смешен.

Токму затоа банките буквално му велат на регулаторот да си ја пикнат замената за LIBOR онаму каде што не грее сонце. Не заради инает, туку заради тоа што е бескорисна. Не е дека не сакаат да се потчинат и да го користат ROFR туку едноставно не можат. Минатиот Декември, на само година дена на истекот на рокот за транзиција банките сеуште емитуваа кредитни продукти на база на LIBOR во вредност од милијарди долари.

 

Заклучок

Лоши банкари, злобен вол Стрит. Лесно е да го мразиш тоа што не го разбираш. Зошто никој не го мразеше LIBOR пред 2007 година кога глобализацијата цветаше а цели земји од третиот свет вклучително и Кина излегуваа од калта. И тогаш и сега се крадеа неколку процентни поени, но кога колачот расте, има повеќе за сите, така да не ни обрнуваме внимание на тие неколку процентни поени. Неколкуте процентни поени одеднаш станаа битни од 2007 наваму кога глобалниот монетарен систем е трајно пореметен а колачот (реалната економија почна да се топи) Одеднаш сите се опседнавме баш со тие неколку процентни поени и решивме да го Окупираме Вол Стрит.

Необезбедените банкарски заеми, разно-разните, егзотични форми на меѓубанкарски трансакции и продукти како што се Mortgage backed securities беа норма пред 2007 година. Ризичното и претприемливо банкарство е одлика на здрава и брзорастечка реална економија бидејќи колку повеќе склоност спрема ризик, толку повеќе парите се инјектираат во најпериферните делови од реалната економија. Необезбедените меѓубанкарски заеми што беа норма тотално исчезнаа после Глобалната Финансиска Криза. После кратки периоди на опоравување што се отсликува преку пораст на кривата на приноси на обврзниците (што значи дека капиталот е оптимист и алоцира средства со долгорочен хоризонт), системот повторно се враќа во калта, отсликано преку пад на кривата на приноси на обврзниците (капиталот повторно се алоцира во краткорочни ликвидни инструменти). Системот никако да се ресетира себеси и покрај таканаречниот стимул (Quantitative easing) a наместо тоа се препелка во дефлациона средина. Дефлацијата е далеку поопасна од инфлацијата бидејќи е хронична, не можеш да ја решиш со типични монетарни мерки и замрзнувања на цени.

За реален економски раст потребна е капитална формација а само што видовме дека капиталот се плаши од долгорочни пласмани. Регулаторите само го прават проблемот полош бидејќи како и ковачот и тие во секој проблем гледат шајка. Дефектите во монетарниот систем се отсликуваат и во недостигот на раст во реалната економија и трилиони долари изгубен економски аутпут. Слично на Големата Депресија од 1930тите и сега имаме рецесија што одбива да се повлече (предизвикана од дефекти во монетарниот систем), односно рецесија не од привремен туку од хроничен карактер (депресија) додека дефектот во монетарната машина се поистоветува со долгонајавувана некаква си крајна фаза на капитализмот кога социјалистите конечно би требало да преземат. Катастрофална глупост што сепак ни се заканува како темен облак. Регулаторот, оној на кој се крстиме за решение покажува извонредна игнорантност, отсликана преку наметнување катастрофално штетни решенија од типот на SOFR врз и онака разнишаниот монетарен систем.

 

Пишува: Блаже Аризанов