Министерот за економија, Крешник Бектеши, поканет во „Економски магазин“, синоќа на Алсат ТВ, најави зголемување на минималната плата најрано во вториот квартал од 2022 година.

Според него, минималната плата во моментов е над 15 илјади денари, додека во вториот квартал од 2022 година се очекува оваа плата да достигне 18 илјади денари.

„Минималната плата е значително зголемена од 2017 до 2022 година, имајќи предвид дека минималната плата беше само 9 илјади денари. Во моментот во кој зборуваме минималната плата е над 15 илјади денари. Нашите планови се минималната плата да се зголеми на 18 илјади денари во наредниот период, но малку го продолживме рокот, со оглед дека во првиот квартал од 2022 година треба да се менаџира состојбата со енергетската криза и тоа да не биде дополнително оптоварување за компаниите во вториот квартал во 2022 година.

Доколку се исполнат сите проекции и анализи на експертите, но и на институциите, за намалување на негативното влијание од енергетската криза, тогаш во голема веројатност ќе одлучиме за зголемување на минималната плата. Во вториот квартал од 2022 година ќе се донесе одлука за зголемување на минималната плата“, изјави Крешник Бектеши, министер за економија.