Производителите на шампањ слават откако продажбата и извозот на пијалокот поставија нови рекорди во минатата година, иако многу барови и ресторани беа затворени поради пандемијата.
Трговското здружение „Comité Champagne“, кое претставува повеќе од 16.000 лозари и 320 производители на шампањ, соопшти дека Франција извезла рекордни 180 милиони шишиња од овој пијалок во 2021-та година, што претставува зголемување од 38% во однос на претходната година.
Продажбата на шампањ ширум светот исто така достигна рекордни 5,5 милијарди евра.
„Comité Champagne“ вели дека испораките се зголемени за 32 отсто на годишно ниво до 322 милиони шишиња бидејќи луѓето наоѓаат прилики за славење дома.
Сè уште нема детални податоци за извозот, но во 2020-та година Велика Британија и САД беа главните странски пазари за шампањ.
Минатата година, потрошувачката на шампањ во Франција се зголеми на нивоа пред пандемијата, при што залихите се зголемија за 25% до скоро 142 милиони шишиња.
Името на пијалокот е исклучиво резервирано за пенливи вина произведени во винскиот регион „Шампањ“ во северна Франција, кој опфаќа лозја со површина од 34.300 хектари.
Регионот минатата година беше погоден од мраз, кој зафати околу 80% од лозовите насади во винските региони во Франција.