Советот на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) донесе одлука за започнување пристапни преговори со шест земји кандидати – Хрватска, Бугарија, Романија, Аргентина, Бразил и Перу. Одлуката за зголемување на бројот на членови е донесена по внимателно разгледување на напредокот на шестте земји од нивните први апликации за членство, соопшти ОЕЦД, организација која сега има 38 членки.
Како што се наведува, сега ќе се добиваат патокази за секој кандидат, под услов тие земји да ја потврдат својата посветеност на вредностите, визијата и приоритетите од Изјавата за визија на ОЕЦД по повод 60-годишнината и Декларацијата на Советот на министри усвоена во 2021 година.
Тие документи ги потврдуваат целите на Основачката конвенција на ОЕЦД, на која новите членки мора да пристапат и ги наведуваат вредностите што ги споделуваат членовите, вклучително и зачувувањето на личната слобода, демократијата, владеењето на правото и човековите права, како и вредости на отворена, конкурентна , одржлива и транспарентна пазарна економија.
Генералниот секретар на ОЕЦД, Матијас Корман, рече дека со одлуката да го почнат процесот за прифаќање на кандидатските членови, потврдиле дека организацијата е „отворена и глобално релевантна и дека е организација во развој“.
Нема поставен рок до кога треба да заврши пристапниот процес. Откако ќе бидат подготвени ревизиите на техничките комитети, конечната одлука треба да биде донесена едногласно од членките на ОЕЦД во Советот на организацијата.
Бугарија првпат ја изрази својата желба да се приклучи на ОЕЦД во 1992 година, додека Хрватска тоа го направи во 1994 година. Романија официјално аплицираше за членство во ОЕЦД во 2004 година.