Проекцијата за инфлација, која во изминатиот период отиде во правец на повишување над 4% (НБРСМ), со реална тендеција за покачување уште еден процентен поен и со оптимистичка проекција од страна на НБРСМ за стабилизирање на пазарот и доведување до ценовна стабилност. Па таквите податоци, ме натераа да разсмислувам во правец на домашното производство, увозот и инфлацијата.

Најчестиот одговор на нашите стопанственици оди во правец на мерканталистичка теорија. Односно, зошто нешто да направиш, кога некој друг, во случајов во странство, може да го направи за тебе, а потоа тоа добро да го препродадеш за повисока цена во националната економија.

Впрочем, чиста трговска логика. Иако по моите убедувања, секогаш и секогаш е подобро да се стремиме кон пораст на домашното производство, а со тоа и да додадеме дополнителна вреднсот на стоките кои се продаваат и ред други позитивни ефекти како зголемување на вработеноста, повисоки плати итн.

Па така, доколку ја погледнеме стручната литература, може да забележиме дека зголемувањето на цените на увозните добра, особено на тие кои ги нема во нашата национална економија, како горива, напредна технологија, автомобили, производни компоненти и др. директно влијаат на секоја мерка за инфлација базирана на трошоците.

Ако нашата национална економија, гледано агрегатно, троши повеќе за увозни добра, што е факт за нашата економија, тогаш cetiris paribus, ќе се намали домашната побарувачка, а со тоа ќе добиеме помал раст на агрегатната побарувачка и помала инфлација. Но, тоа cetiris paribus, само како теоретски разгледуван пример, не е можно да се оддржи на долг рок.

Затоа што, со поскапувањето на цените, од различни причини, во другите национални економии кои извезуваат кај нас, односно ние сме увозници на нивните добра, предизвикува феномен самите да си ја увеземе инфлацијата и да имаме волатилност во ценовната стабилност.

Инфлацијата, мерена низ индекси на цени, може да се заклучи дека е феномен кој се појавува на страната на понудата. На пример доколку едно парче од одреден производ чинело 1 парична единица, а сега чини 1.2 парични единици, тогаш лесно може да се заклучи дека имаме поскапување од 20%.

Овој пат поскапувањата се на производи кои реално нашата земја има потешкотија да ги произведе или пак воопшто не ги произведува. Како градежно железо, делумно производство на електрична енергија, горива и гас и др.

Па така, поскапувањето се чувствува во сите сфери, затоа што станува збор за основни производи кои се потребни за производство на останатите производи, како храна, превоз на стоки и др. Агрегатниот збир на поскапувањата, адекватно упросечен и компариран со базната година (најчесто предходната), односно искажан преку потрошувачкиот индекс на цени, ни донесе инфлација од ценовно чувствителни размери, компарирано со просечната плата во земјата.

Во целост сме свесни дека мал е бројот на луѓе кои имаат индивидуални примања кои се над просечните. Всушност при анализирање, за мене, поважно е да се обрне внимание на медијаната, отколку на самиот просек.

Просто кажано, колку луѓе имаат индивидуални примања до просекот, а колку над него. Па да се навратам на појдовната мисла, врз која сепак можам да заклучам дека доколку имавме поголемо домашно производство, а со самото тоа и поголема додадена вредност од наша страна, иако гледано на краток рок тоа може да ја подигне инфлацијата, сепак на долг рок, наместо да увезуваме инфлација од другите земји, ќе немавме голема волатилност во ценовната стабилност.

Како зкалучок, сакам да поентирам во правец дека секој проблем нуди можност, односно зголемувањето на инфлацијата го гледам низ призма за можности наши домашни компании, постоечки и потенцијални, да се адаптираат на промените и да почат да ги нудат своите производи по адекватни цени. Зошто би купиле скап увозен производ, ако би имале шанса тоа да го произведеме и продадеме во рамки на националната економија. Од една страна имаме чувство дека паричните средства вредат помалце, но од друга страна имаме можност за домашна супституција на голем дел производи кои во моментов ги увезуваме и цените ни ги диктираат од надвор.

Па така, доколку посакуваме ценовна стабилност на долг рок, адекватните чекори во стопанството треба да идат во правец на домашно производство, доусовршување на процесите, супституција па се до изнаоѓање на други нови пазари и мое посакување кон сите домашни компании, да имаат зголемен извоз.

Освртот кон темата инфлација е личен став на авторот и негово лично видување.

Александар Ивановски – 27.01.2022